На 14 септември ќе пристигнат вакцините од производителот „Фајзер“, а од Министерството за здравство информираа дека сите дози ќе бидат аплицирани далеку пред истекување на рокот на важност.

Согласно договорот со Република Бугарија, вакцините ќе бидат достапни на 14 септември на нашите пунктови што значи дека има повеќе од доволно време да се искористат и ниедна да не биде уништена. Просекот на дневно аплицирани дози е околу 10.000 вакцини и најголем процент од нив се токму од производителот „Фајзер“, соопштија од ресорното Министерство.

Kако што велат од Министерството, граѓаните може да бидат спокојни дека сите вакцини ќе бидат безбедни и со важечки рок во моментот на вакцинирање.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните масовно да се вакцинираат како би се заштитиле од вирусот.

Во меѓувреме, во тек е и теренска вакцинација. Според последните информации од Министерството, на вакциналните пунктови во државата и на терен, вакцинирани се вкупно 750.893 граѓани.

Во државата вкупно се аплицирани 1.326.584 дози вакцини, а ревакцинирани се 589.573 граѓани.

Според последните бројки, 54 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 29 отсто од населението над 18 до 39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.

Надлежните повторно посочуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата.

-Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, информираат од Министерството.

Инаку, во државата не се намалува бројот на новозаболени. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нои 702 случаи на КОВИД, од направени 6.480 тестирања.

Вчера оздравеа 1 119 пациенти, а регистрирани се 24 починати лица од кои 21 во болнички услови.

Најмногу заболени има повторно во Скопје, каде вчера беа регистрирани нови 280 случаи, потоа во Струмица 49, и во Куманово 47.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 181.620, бројката на оздравени пациенти е 161.515, на починати е 6.153. Бројот на активни случаи изнесува 13.952.

Досега во земјата се направени вкупно 1.203.819 тестирање на Ковид-19.