– Од податоците може да се види дека најголем број пријави или 61 процент биле во врска со плата, прекувремена работа, право на минимална плата, надоместоци, додатоци и придонеси од плата, 18 отсто во врска со нарушено право на годишен одмор и право на регрес за годишен одмор, 12 отсто се во врска со промена на договорите за вработување, престанок на работен однос, пет проценти се во врска со безбедност и здравје при работа и четири проценти биле во врска со правата на синдикалниот претставник и колективното преговарање, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија.
Во однос на тип на пријави во најголем дел или 63 отсто се жалби, 22 отсто се за прекршоци и 15 отсто се барања.
– Педесет и девет проценти од пријавите се затворени и по истите веќе е постапено од страна на ССМ или Државниот инспекторат за труд, а 29 отсто од пријавите се во процедура, а 12 отсто се отворени и за нив се чекаат дополнителни информации од работниците во врска со прекршувањата на нивните права од работен однос, нагласуваат од ССМ.
Согласно статистиката од апликацијата ССМ – мои работнички права, пријавите се во 87 проценти од вработени, а 13 отсто од нив се од невработени лица или лица на кои им бил прекинат работниот однос.
Сојузот на синдикатите на Македонија, потсетува дека врз основа на предлозите на работниците за потребата од поголема достапност за овозможување бесплатна правна заштита воведе нова алатка, ССМ – мои работнички права која претставува прва мобилна апликација преку која работниците и граѓаните им се овозможува преку користење на своите мобилни телефони да пријават прекршување на работничките права до Сојузот на синдикатите на Македонија. Апликацијата нуди можност за пријавување на прекршено право за себе и за друго лице, анонимно пријавување, директна комуникација со претставници на ССМ, како и следење на вести и совети од ССМ.