Доброто расположение е најдобриот лек, порача денеска 80-годишниот Пеле на Инстаграм, илустрирајќи ја објавата со многу фотографии на кои со стиснати тупаници е прикажан во болничка количка.
Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња беше опериран на почетокот на септември поради тумор на дебелото црево што му беше откриен при рутински преглед во болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Паоло.
Пеле остана на одделот за интензивна нега до минатиот вторник, а три дена подоцна беше вратен на интензивна нега како „превентивна мерка“ поради мала „респираторна нестабилност“.
– Како што гледате, го прославувам фактот дека со секој изминат ден се чувствувам малку подобро. Примив толку поддршка и љубов, и срцето ми е исполнето со благодарност, особено кон персоналот во болницата „Алберт Ајнштајн“, напиша Пеле.