Предлог законот предвидува построги казни за конкретни кривични дела, построги предуслови за условно пуштање од затвор на осудените, како и одново враќање и проширување на кривичното дело за подметнување пожар, експлозија, поплава, итн .
За убиства, групни силувања, силување на малолетници, велепредавство, смрт по силување и смрт по кражба, единствената казна е доживотен затвор, наместо како досега, кога имаше опција и 15 години затвор.
За сериозни телесни повреди, предизвикување трајна деформација и инвалидитет, максималната затворска казна може да биде до 15 години, наместо десет како што беше досега, а осудените потешко ќе излегуваат од затвор.
Паралелно се зголемуваат казните за сексуално насилство. Инцестот повторно е кривично дело и ќе се казнува со пет до десет години ако е од родители врз деца или баби и дедовци врз внуци, а предвидени се построги казни и за трговија со луѓе.
Во однос на животната средина, предвидена е доживотна затворска казна за подметнувачите на пожарите, во случај на смрт на макар и само едно лице во пожарот.
Подметнувањето пожар станува кривично дело со осум години казна затвор, а доколку биде предизвикана еколошка катастрофа казната може да достигне до 15 години. Предвидени се потешки казни и за несовесен риболов и риболов во грчките територијални води.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, на Фејсбук коментира дека „Грција добива современ и ефикасен Кривичен законик“.
Државата ги исправа грешките од минатото, воведувајќи построги казни за сегашните кривични дела. А со повеќе од 150 промени се справува со заканите по живот и слободи, но и на штета на животната средина – напиша Мицотакис.
Новиот Кривичен законик е ставен на јавна консултација, а според министерот за правда на Грција, целта на промените е безбедноста на граѓаните, организација на системот на подобар начин и справување со нови кривични дела или сериозен криминал.