Посетата на “Вила Дихово” го потврди моето убедување дека потпелистерскиот туризам ги има сите предуслови да биде најдобриот битолски извоз, порача кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ и коалицијата, Христо Кондовски после средбата со сопственикот на овој уникатен сместувачки капацитет во селото Дихово под Пелистер.
“ Со сопственикот разговаравме за неговите бројни успеси кои ги поздравувам, за успехот селото Дихово да биде една од педесетте скриени дестинации во Европа. Моја заложба е овој вид на туризам во потпелистерието општината да го поддржи максимално. Слушнав многу позитивни идеи за решавање на недостатоците што со години ги мачат сопствениците на овој и на слични капацитети во потпелистерието. Ќе работиме максимално тие мали работи што ги бараат, а големи за селото и за потпелистерието, да се исполнат. Како градоначалник ќе дадам поддршка за организиран бесплатен превоз до потпелистерието со цел да се зголеми бројот и на домашни туристи, да се реши проблемот со канализацијата и на секој начин да се помогне туризмот во потпелистерието”, рече Кондовски.
Сопственикот на Вила Дихово, Пеце Цветковски вели дека тој и мештаните направиле се што можеле да го пробијат селото на туристичката мапа на светот. Дихово е прогласено за една од педесетте скриени дестинации во Европа, а се соочува со егзистенцијални потреби и барања.
“ Сегашните трендови налагаат мобилност и лесна достапност. Кога Битола би била велосипедски град, поврзана со овие туристички места во нејзината околина, за 15 минути можете да бидете секаде. Ние како даночни обврзници на Битола, сакаме да имаме некој бенефит од тоа и очекуваме локалната самоуправа да ни излезе во пресрет. На потег е општината и идната локална власт заедно да направиме едно село за пример, за да видат и останатите дека иднината ни е во туризмот”, рече Цветковски.