Кандидатката за градоначалник на Градот Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, во емисијата „Дебати“ на ТВ Шења изјави дека планира да го отвори Генералниот урбанистички план на градот Скопје пред граѓаните откако ќе биде избрана за градоначалник.
Верувам дека скопјани имаат право да се произнесат и тоа не треба да биде како што најави актуелниот градоначалник да им се даде можност 30 дена. Извинете но за тоа време ниту можете нешто квалитетно да прегледате, ниту да интервенирате, доколку на скопјани им дадете толку кратко време да имаат увид во ГУП, изјави Арсовска.
Сметам дека стравот и целата борба е затоа што некој сака молчешкум да го донесе следниот десет годишен план од 2022 до 2032 за градот Скопје и преку него за лукративни цели да си тера лични интереси. Јас кажав јавно и транспарентно дека скопјани ќе имаат можност самите да кажат што е она што сметаат тие дека е она што е добро да го имаат во нивната општина, подвлече Арсовска.