Најчесто насловите на информациите се „По поразот на локалните избори Заев поднесе оставка од премиер и лидер на СДСМ“, „Катастрофален пораз на локалните избори, Заев поднесе оставка“, „По оставката на Заев паѓа целата влада“…
Сите без исклучок пренесуваат и делови од неговото обраќање со констатација дека негова најголем заслуга е влезот на земјата во НАТО, но оти ја напушта функцијата не успевајќи да ја постигне и неговата главна цел, почеток на преговори со ЕУ.
Под наслов „Ги изгуби локалните избори-Заев поднесе оставка“ агенцијата Балкан веб наведува дека тој останува до формирање нова влада и потсетува дека „неговата оставка била очекувана бидејќи најавил дека се повлекува доколку неговата партија го загуби Скопје“.
Ора њуз освен веста за оставката, пренесува и информацијата под наслов „Со оставката на Заев паѓа целата Влада“.
-Синоќешната оставка на премиерот Зоран Заев всушност подразбира оставка на целата влада. Според челн 93 од Уставот, сега Заев треба писмено да го информира шефот на државата, по што следува постапката за избор на нова влада, наведува Ора њуз.
Слични по текст информации пренесуваат и другите медуми, при што дел од нив ставаат акцент на изјавата на Заев, дека „нема потреба од предверемени парламентарни избори“.
-Наспроти тоа, лидерите на опозициските партии најавуваат парламентарно мнозинство, нова влада и предвремени парламенетарни избор. Но, што ќе се случува останува да се види, додаваат во текстовите.
Секако отстапуваат простор и за изборните резултати на опозицијата, кои ги оценуваат како „триумф на ВМРО-ДПМНЕ“, како и за „лошите, неочекувани резултати на ДУИ“, посебно со губењето на градоначалничката функција во Тетово.