САД очекуваат да ја продолжат соработката со Македонија во областите од заеднички интерес, соопшти Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик, одговарајќи на барањето да ја искоментира оставката на премиерот Зоран Заев по вчерашните локални избори.

Американската амбасада ги следи настаните по вториот круг локални избори, вклучувајќи ја и најавата за оставка од премиерот Зоран Заев, се вели во изјавата од портпаролот на Стејт департментот.

Во изјавата се нагласува дека „САД ја сметаат Македонија како доверлив и ценет партнер во регионот, и со нетрпение очекуваат да продолжи соработката со Владата во областите од заеднички интерес додека го продолжува напредокот што го постигна во евроатлантските интеграции“.

Заев вчера поднесе оставка како премиер и претседател на СДСМ по вториот круг од локалните избори, откако ВМРО-ДПМНЕ победи во 42 општини, вклучувајќи го и Скопје.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека срушиле бариери заедно со Алијансата за Албанците и Левица, и оти многу веројатно ќе бидат потребни предвремени парламентарни избори.