Проектот опфати дигитален курс, училишни обуки и прирачник за професионален развој на наставниците за предавање контроверзни теми во училница.
Тие беа промовирани денеска на конференција насловена „Контроверзни теми: Да се избегне или дискутира?“ на која наставници кои го посетиле курсот ги разменија своите искуства од примената во овој пристап во наставата. Одѕивот за посета на курсот бил голем од наставници, и од основно, и од средно образование, од училишта од различни општини. Тој е достапен на веб-страницата на Институтот и може секој да го користи, а им овозможува на наставниците да ги изразат своите демократски ставови и да бидат подготвени да одговорат на сите табу прашања од учениците.
Според организаторите на проектот, предавањето и дискусијата на контроверзните теми сè уште е предизвик за наставниците од училиштата во нашата земја и дури 86 отсто од учениците никогаш немале можност да разговараат за тековни општествени прашања во рамки на образованието.
Според Маргарита Цаца Николовска, претседателка на ИЧП, се работи за новина во пристапот која ја промовира невладиниот сектор, затоа што на голем дел од некои контроверзни прашања најмладата популација, како што рече, не добива соодветен или квалитетен одговор или воопшто не добива одговор.
– Од тие причини одлучивме еден ваков пристап на препознавање, фактички едно превенирање или овозможување заштита на човековите права. Со контроверзните прашања на децата може да дојде до ситуација во која наставникот треба да одговора и прашање е колку наставникот може да одговори соодветно во дадената ситуација. Тоа се многу суптилни работи и треба многу големо познавање во однос на комуникација и контактите со децата и затоа сметаме дека овој курс е многу корисен, изјави Цаца Николовска.
Иван Јованов, извршен директор на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој, рече дека контроверзни се темите што предизвикуваат силни чувства и емоции на оние што зборуваат за нив, како на пример, легализација на дроги, религиски прашања, сексуално образование и сè друго што постои во општеството, но е табу. Тие теми, според него, особено доаѓаат до израз во поделени општества какво што е нашето.
– Одѕивот од наставниците беше прекрасен. Опфативме 30 наставници од различни училишта од целата земја, по 15 од основни и од средни, и се гледа дека на наставниците им е потребна едукација за тоа како, пред сè, да пристапат кон предавање контроверзни теми. Затоа што тоа не значи само да ја знаеш материјата што ја предаваш, туку претпоставува и пристапи кои се базираат на емпатија, контролирање на дискусија, вадење поенти и заклучоци. Тука е нештото што треба да се подобри во нашиот систем, рече Јованов.
Дали овој пристап би бил вграден во наставните програми односно во формалното образование, тој одговори дека обуките треба да продолжат, но дека невладините организации немаат моќ да ја направат институционалната промена туку можат само да ја посочат.
– Надлежните институции – МОН и Бирото за развој на образованието треба да препознаат дека контроверзните теми треба да бидат дел од посебна програма или од мултидисциплинарен пристап каде што ќе бидат опфатени во повеќе предмети. Но, дефинитивно, потребата е многу голема зашто контроверзните теми се малку опфатени во програмите, најчесто се во предметите Граѓанско образование, Социологија, Етика, Животни вештини, рече Јованов. Посочи примери во други земји кои имаат посебни програми што се задолжителни или се факултативни од одредена возраст на учениците.
Васка Пандова, наставник во ОУ „Ванчо Китанов“ во Пехчево, учествувала во обуката за наставници на која се пријавила и е задоволна зашто обуката ѝ понудила нови методи и техники за работа со учениците на одредени теми. Со деветтоодделенци работела на тема за психотерапија, за која, рече, имало интерес од учениците, но и различни мислења и предрасуди за тоа кој оди и кога се оди кај психолог. За да им се разјасни темата, на предавањето учествувал и училишниот психолог.
Покрај курсот, во рамки на проектот е објавен и прирачник за наставници „Предавање на контроверзни прашања“ кој има конктретни алатки и техники како да ги предаваат овие теми. Тој е оригинално издаден од Советот на Европа и преведен на повеќе од 15 јазици во Европа и кај нас е преведен и достапен онлајн на македонски и на алабански јазик.