ЕСМ утре ќе соопшти која е фирмата што ќе го добие тендерот на набавка и испорака на 900 илјади тони јаглен, неопходни за ставање во погон на Блок 3 во РЕК Битола. Од ЕСМ соопштија дека понудите ја задоволуваат бараната количина јаглен. Колку ќе чини зделката засега нема информација а транспортот на јагленот е на товар на фирмата која што ќе го добие тендерот.
-Вредноста на тендерот ќе зависи од количините на јаглен кои ќе се набават и цената која ќе се постигне. Транспортот е обврска на фирмата која добавува, со испорака до депониите за јаглен на РЕК Битола и РЕК Осломеј. Динамиката на испорака се прави согласно понудените количини, во рок од 6 месеци, соопштуваат од ЕСМ.
А транспортот на јагленот за РЕК Битола ќе биде вистинска логистичка кошмар за добитникот на тендерот, бидејќи може да се изведе само со камиони, типери или дампери, кои ќе ги користат истите патишта како и граѓаните.
Само за илустрација, во РЕК Битола за производство на 1 мегават се потребни 1,5 тони јаглен. Еден блок во РЕК Битола за еден час троши околу 230 тони јаглен така што за 24 часовна непречена работа на третиор блок во РЕК Битола за кој е наменет тендерот се потребни 5.000 тони јаглен. Тоа значи дека во рок од 24 часа, 167 триесет тонски камиони дампери или типери ќе треба да ги превезат овие пет илјади тони јаглен до депонијата од каде со лента се транспортирани во комбинатот.
На седницата на Владата која ќе се одржи во вторник пред министрите ќе биде документот во кој ќе се бара прогласување на енергетска кризна состојба. Во Министерството за економија денеска очекуваат деветте енергетски компании кои учествуваат во работата на Комисијата да ги номинираат своите членови, тие утре да се состаната и да донесат заклучок кој ќе биде доставен до Владата, а во кој ќе се бара прогласување на кризна состојба.
Од екомисија соопштија дека единствена цел со прогласувањето на кризната состојба е отварање на можноста за финансиска помош со буџетски средства во ЕСМ и МЕПСО за зголемување на нивната ликвидност и со тоа да може да се интервенира во увозот на струја. Рестрикции во моментов не се предвидени.