Со победата на овие избори претседателот на опозицијата докажа дека веќе поткупот на власта не помага во изборите, туку единствено победува гласот на граѓаните.
На локалните избори во Македонија кои што се одржаа на 17-ти и 31 – ви октомври ВМРО-ДПМНЕ освои 42 општини и градот Скопје, додека СДСМ освои само 16 градоначалнички места.
Во првиот круг од локалните избори, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалници беа избрани во општини: Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Гази Баба, Ѓорче Петров, Градско, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и Штип.
Додека во вториот круг ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во 20 општини и тоа во Битола, Брвеница, Василево, Вевчани, Гевгелија, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Охрид, Ранковце, Ресен, Чешиново-Облешево и Радовиш.
Вкупно гласови во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ освоило 316.532 гласови, додека СДСМ освоило 260.418 гласови, што е разлика од 56.114 гласови.
На изборите во неделата на 31 октомври за ВМРО-ДПМНЕ гласале 228.347 гласачи, додека за СДСМ само 187.883 што е разлика од 40.464 гласови во полза на ВМРО-ДПМНЕ.
Според бројките ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник и со освоени градоначалнички места, но и со освоени советнички места низ целата територија на Македонија.
За победата на локалните избори претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски доби и многу честитки.
„Дозволете ми во мое лично име и во име на македонското друштво „Илинден“-Тирана и во името на Македонците во Албанија, да ви ја честитаме големата победа на ВМРО-ДПМНЕ на Локалните избори 2021 година. Татковината Македонија уште еднаш ја покажа својата зрелост со одржувањето на мирни и демократски избори. Македонските граѓани одбраа кој ќе ги води македонските општини во наредните четири години, стои во честитката од претседателот на македонското друштво „Илинден“- Тирана, Никола Ѓурѓај.
„Македонија победи, граѓаните се обединија и избраа промени… Честитки до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за големата победа, а на новоизбраните градоначалници им посакувам успешна работа! Да живее Република Македонија!“, вели претседателот на огранокот на Социјалистичкото движење во Пустец, Панди Јани во својата честитка упатена до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.