Вработените во комуналното одделение на општината, по иницијатива на градоначалникот Александар Стојкоски, за помалку од една недела, прво ја исчистија патеката од нараснатата висока вегетација, а пороа го поставија и осветлувањето. Со тоа, патеката се става во функција на жителите како место за спортување и рекреација.
Благодарение на Иван и Борче кои посветено работеа на отстранување на проблемот, патеката блесна во сиот сјај. Патеката на насипот во Ѓорче ќе стане атрактивно место за рекреирање на моите сограѓани. Од стадионот „Македонски лавови“ па се до граничењето со соседен Сарај ќе биде најубавото место во нашата општина – напиша Стојкоски на социјалните мрежи објавувајќи фотографии.
Во изминатиот период, ова место беше често предмет на критики. Жителите бараа да се среди и да се осветли патеката, бидејќи е едно од култните места каде тие го поминуваат слободното време. За осветлувањето, особено реагираа спортистите, кои сега можат да ја користат патеката и во вечерните часови.
Нема повеќе висока вегетација, купишта отпад и малку клупи и канти за отпадоци на пешачката патека кај насипот! Екипите на Ѓорче се веќе на терен и работат на средување на ова запуштено место, бидејќи го слушаме вашиот глас и важни ни се вашите мислења и потреби. Целта ни е вие да сте задоволни од изгледот на пешачката патека, која треба и мора да биде функционално и урбано место, каде од најмлади до најстари ќе го минуваме слободното време, ќе муабетиме, ќе разменуваме идеи, ќе се рекреираме – напиша Стојкоски претходно.