Во член 93 од Уставот се наведува дека „оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата и престанува мандатот кога Собранието се распушта. Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада“.
Според член 219 од Деловникот на Собранието „оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.
Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.
Претседателот на државата во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации треба да го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието.
Од кабинетот на претседателот Пендаровски информираа дека тој како и досега во своите постапки ќе се води согласно установеното толкување на уставната норма во праксата во изминатите три децении.
Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.