Надежта за новата иднина победи на овие локални избори и во првиот и во вториот круг. Меѓу другото овие избори значеа неминовно и референдумско изјаснување против оваа влада и сите нејзини политики. Луѓето со право сметаат дека Зоран Заев и сето она што тој го преставуваше во политиката мора да падне затоа што ги изневери очекувањата на народот на Македонија. Не донесе резултати и владее со измами и пазарења за сметка на најважните прашања за овој народ. Си поигруваше со достоинството на државата, додека народот тоне во сиромаштија, инфлацијата расте, хаварии и афери кои се мултиплицираат на дневна основа, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Останувањето на оваа влада по таков изборен дебакл и во првиот и во вториот круг, без кредибилитет, без мотив за работа и без план за решавање на многу проблеми ќе значи само продлабочување на политичката криза. Дополнително со економската криза, енергетскиот шок, Ковид тенденциите кои се загрижувачки, сериозно ќе ја клекнат земјава на колена. Имаше и такви кои ми велеа дека најдобро за мене и за ВМРО е да не прави ништо, власта на Заев ќе заглавува во уште поголеми проблеми. Но, има нешто тука што се вика одговорност, одговорност спрема државата и одговорност спрема народот. Ваквите тешки времиња за народот и државата се значаен предизвик во кој свесно и сосема со искрена намера влегува ВМРО- ДПМНЕ. Храбро и како што очекува историјата од нас се ставаме на страната на народот и во клинч со бремето и предизвиците коишто следат. Затоа по изборите, во име на сите очекувања на народот, во име на секоја рака која ја стиснав овие избори, секоја порака на надеж и судбина која ја запознав, јас заедно со тој кредибилитет даден од народот кој нема да го разочарам никогаш, тргнав во создавање на ново мнозинство како единствен излез за пад на оваа влада, посочи Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека новото парламентарно мнозинство подразбира заеднички блок составен од Коалицијата за „Oбнова на Македонија“ која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, политичката партија Левица и Движењето БЕСА.
-Ова е коалиција против криминалот и корупцијата на власта, против изневерените надежи, блок за напредок и нова иднина. Очекувам во периодот којшто следи ова мнозинство да биде зголемено. Велеа дека е невозможно, но покажавме дека заедно можеме да направиме многу повеќе. На иста маса со сите наши разлики, но со една цел, а таа цел е напредок за народот и за Македонија. Да ја извадиме државата од криза и да донесеме нова иднина. Заеднички и сложно. Затоа што народот на Македонија со сите разлики меѓу себе, има заедничка мака, делиме исти проблеми. Време е поделбите и конфликтите да престанат, ѕидовите во општеството да ги срушиме. Време е за промени какви сакаме да ги имаме и за какви ќе се бориме, рече тој.
Мицкоски посочи дека новото парламентарно мнозинство значи со сигурност една работа, дека оваа влада на Зоран Заев која е извор на сите проблеми паѓа. Со тоа паѓаат и поразите, паѓа едно неславно време на лош живот и измами.
-Тоа значи дека во периодот што следи ќе се обидам, повторувам ќе се обидам да формирам нова влада и тоа ќе се случи само доколку бидам сигурен дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет, влада со силни институции кои ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите и промените кои следат. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не обезбедам полна ефикасност на владата потребна за справување со кризите, борба против корупцијата и криминалот, коишто се клучниот проблем во нашата држава, понатаму полна ефикасност на владата , тогаш она што ни преостанува како единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори, за да народот на Македонија одлучи за новата иднина. Гледам дека власта во заминување е во паника. Сакаат да не опишат како „анти – ова или анти-она“, истите тие кои 5 години, 52 месеци владеат со конфликти, не одалечуваат од ЕУ само со една цел, да го бранат криминалот и своите политички кариери кои безмилосно ги уживаат на грбот на народот. Мојата порака до народот на Македонија е – Не им верувајте. Ниту им е за ЕУ кон која не не поместија ниту милиметар, ниту за државата која ја упропастуваат, туку за криминалните тендери кои нема да ги имаат повеќе. Тоа се нивните последни обиди да ги зачуваат фотелјите. Зaшто добро знаат дека единствено нешто за што ВМРО-ДПМНЕ и овој нов блок е анти, односно против, тоа e против криминалот и корупцијата, истакна тој.
Порача дека не е време за триумфализам, време е за решавање на напластени проблеми.
-Не чекаат сериозни предизвици. Државата треба да се справува со енергетската криза, мора да се заштити стандардот на граѓаните и да се бориме против инфлацијата. Ќе направиме реформи во економијата. На бизнисот му треба поддршка, а на народот повеќе пари. Ќе го заштитиме здравјето на граѓаните, Ковид заразата е најголемата закана по животот на луѓето. Вредностите на ЕУ да ги направиме наши вредности. Сите овие прашања се задача на промените кои следат. Едно е сигурно. Промените започнаа и тие ќе се случат. Тие се неминовност и тука нема запирање. Новата иднина е заедничкиот сон во кој веруваме. Да почнеме да сонуваме големи работи. Време е да се чуе гласот на обесправените, на тивкото мнозинство, на тие луѓе кои заслужуваат се’, а не добиваат ништо. Ова е заедничка борба за народот во Македонија. Силата е кај народот и во име на таа сила објавувам дека доаѓаат подобри времиња, заклучи Мицкоски.