Бранот на промените ја зафати Македонија и нема да може да биде сопрен. Сведоци сме во овие неколку дена дека тоа нема да оди лесно и дека узурпаторите нема лесно да го пуштат тоа што го узурпирале, изјави претседателот на МААК, Страшо Ангеловски за „Што не е јасно“ на Алфа Телевизија.
Ангеловски истакна дека за овие промени треба да се даде заслуга и на политичкото тело од албанскиот блок кое реши да се спротивстави на ДУИ и Али Ахмети и да ги прати во историјата.
– Јас сум задоволен што и во албанскиот кампус почнаа таа идеолошка поделба на левица и десница која овозможи да дојде до сето ова, односно дека еден дел од албанското политичко тело се издвои од матрицата на Ахмети, Груби и ДУИ и со тоа создаде македонската опозиција да има коалициски капацитет и можност да се формира нова влада, рече Ангеловски.
Според него тоа ќе биде придобивка откако ДУИ ќе замине во историја и ќе започне процесот на распаѓање на таа партија која ќе нема моќ каква што имаше и нема да може да се заканува, како тоа што го гледаме.
Ангеловски изјави на седницата за недоверба е можно е да има обид да се украде волјата на гласачите и на тие 61 пратеник кои бараат промена на власта или да се одолговлекува целиот процес, но тој обид ќе биде неуспешен.
– Не стравувам од тоа да купат денови, на крај на краиштата нема ништо да постигнат. Сепак граѓаните треба да бидат смирени, промената е неизбежна и покрај дворските игри на Заев и Ахмети, нагласи Ангеловски.