Интересот на граѓаните од ризичните групи е голем и на првиот ден од имунизацијата се пријавиле над 200 лица над 65 – годишна возраст, лица со хронични заболувања и бремени жени.

-Вакцинирањето е според термините што се добиени од веб-страницата vakcinacija.mk, каде граѓаните се пријавуваат за бесплатна имунизација против сезонски грип. Нема проблеми и застој во вакцинирањето, а во случај некој од пријавените граѓани да го пропушти терминот за кој добил известување со смс-порака, тогаш вакцината може да ја прими во наредните седум дена. Набавени се и доволен број комерцијални вакцини против сезонски грип, а тие на заинтересираните граѓани ќе им бидат на располагање од понеделник, истакна Гоце Серафимов, директор на Центарот за јавно здравје – Кочани.

Освен во Кочани, од утринава се отворени и пунктовите за вакцинирање во соседните општини Виница, Берово и Делчево, за кои Центарот јза јавно здравје ја има надлежноста.

Паралелно со вакцинирањето против сезонски грип, на два пункта во Општата болница со проширена дејност во Кочани тече и имунизацијата против Ковид-19.