Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, до вчера во земјава имаше 8.600 активни случаи на Ковид-19, откако во претходното деноноќие беа регистрирани 528 нови случаи на инфицирани со коронавирусот од 4.323 извршени тестирања, што претставува стапка од нешто над 12 проценти.
Најмногу активни случаи има во Скопје и тоа 3.859, а троцифрена бројка на заболени се бележат и во Битола (650), Прилеп (435), Кавадарци (377), Велес (368), Куманово (367), Штип (273), Кочани (246), Охрид (228), Тетово (211), Крива Паланка (171), Гевгелија (145), Струмица (113), Делчево (114) и Кичево (106). Во останатите градови се регистрирани под сто активни случаи, а најмалку има во Дебар – три.
Покрај, 528 нови случаи на Ковид-19, вчера беа регистрирани и 327 оздравени пациенти и седум починати, на возраст од 63 до 84 години. Дополнително, како што информира Министерството за здравство, пријавени се и шест починати лица со дијагноза Ковид-19 со датум на смрт од 27 октомври до 8 ноември 2021 година.
Со последните цифри, вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата достигна 208.992, на оздравени пациенти 193.072, а на починати 7.320.
Министерот за здравство Венко Филипче во петокот изјави дека засега нема да има препорака за нови рестриктивни мерки, бидејќи сегашните се сосема доволни, со тоа што треба да се почитуваат. Носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето, посочи Филипче, се основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата.
– Остануваме засега со истите мерки и апелираме сите да се придржуваат до нив. Доаѓаат семејни слави и апелирам граѓаните и оваа година како и претходните, ако можат да не ги организираат или да ги организираат во помал семеен круг. Сепак такви поголеми собири каде не се почитуваат мерките се ризик за епидемиолошката состојба да се влоши, рече Филипче.
Според анализата на Министерството за здравство за период од 6 август до 11 ноември, 71 процент од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани, наспроти 29 отсто кои биле вакцинирани. Од починатите, пак, не биле вакцинирани дури 80 проценти.
Во период од 6 август до 11 ноември на територија на државата се тестирани 52.436 граѓани позитивни на Ковид-19, од нив 29 проценти биле целосно вакцинирани, односно 15.456 лица. Според статистика за изминативе три месеци, 36.980 граѓани, односно 71 отсто од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани. Во истиот период, на територија на државата починале 1.788 пациенти со Ковид 19, од кои 1.434 или 80 проценти не биле вакцинирани, а само 20 отсто, односно 354 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) вчера предупреди дека во Европската Унија продолжува да се влошува епидемиолошката состојба поради Ковид-19, а во десет земји членки таа е „многу загрижувачка“.
Од 27-те членки на Унијата, Белгија, Полска, Холандија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија и Словенија се земји во кои ситуацијата е многу загрижувачка, соопшти ЕЦДЦ.
Од друга страна, Хрватска и Словенија пријавиле најмногу новозаразени во однос на бројот на жители.
Со 472.800 заразени на ден оваа недела ширум светот, стапката на зараза расте четврта недела по ред. Но, за разлика од претходните недели, Европа повеќе не е единствениот регион каде што ситуацијата се влошува, бидејќи лош тренд покажуваат и Латинска Америка и Карибите.