На тој начин, Скопје ќе добие аеродромски воз што би сообраќал од Транспортниот центар до аеродромот.
Директорот на ЈП за железничка инфраструктура Хари Локвенец за Мета.мк информира дека во моментов работат на изработка на проектната задача што следи пред изготвување на физибилити студијата за идната пруга што ќе биде долга 8 километри. Локвенец појаснува дека токму физибилити студијата ќе даде податоци за оправданоста за реализација на проектот, но и неговата прецизна финансиска вредност.
-Нашите очекувања се дека до крајот на 2022 или почетокот на 2023 година би требало да се почне со градежните работи на терен и да се заврши во рок од една година, истакнува директорот Локвенец.
Тој додава дека лесниот терен на којшто ќе се гради пругата ќе овозможи експедитивно завршување на изведбата на овој проект.
Пред почетокот на изградбата на пругата, во период од шест месеци би траела изработката на физибилити студијата и проектната документација за планираната железничка инфраструктура. Дополнителни шест месеци ќе се потребни за реализација на тендерската процедура за избор на компанија-изведувач што ќе ја гради оваа пруга.
Директорот Хари Локвенец појаснува дека реални се очекувањата да се обезбедат средства за проектот преку апликација до Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), и тоа дури и од веќе постоечки кредитни линии во зависност од слободните средства што стојат на располагање кај нив.
Во однос на возниот парк што би се користел за одржувањето на аеродромскиот воз, Локвенец појаснува дека тоа е прашање за Железници на РСМ-Транспорт, но тој смета ќе треба да се обезбедат посебни превозни средства само за оваа линија, со предвидлив и оптимизиран капацитет, кои ќе одговараат на потребите на Меѓународниот аеродром Скопје.
Инаку, според Националната транспортна стратегија за периодот 2018 – 2030 година, воведувањето на аеродромскиот воз е проектирано дека ќе чини 30 милиони евра. Овие средства би биле потребни да се изгради пругата, железничката станица во близина на аеродромската зграда, како и да се набават нови возови за одржување на релацијата.
„Мета.мк“ во изминатиов период во неколку наврати пишуваше дека воведувањето на оваа железничка линија би им овозможила на граѓаните да патуваат до скопскиот аеродром двојно побрзо и за три до четири пати поевтино во споредба со актуелната автобуска линија. Воедно, аеродромскиот воз би можел да се користи и од локалното население и граѓаните кои работат во Илинден и околните населени места и индустриски зони, а коишто секојдневно патуваат од и кон центарот на Скопје.