Тој ги повика граѓаните да учествуваат во креирањето на Буџетот за следната година, со претставување на новиот концепт на пишување на истиот, под мотото „Граѓаните пишуваат Буџет“.

– За таа цел, ги повикувам граѓаните на општина Гази Баба во следните седум дена (од 17.11 до 24.11. 2021 год.) да ги посетат просториите на Урбаните и Месните заедници, како и просториите на Општината и преку потполнување на формулар, кој се наоѓа во наведените простории, да ги дадат своите идеи и проекти кои сметаат дека треба да бидат составен дел на Буџетот на општина Гази Баба за 2022 година, истакна градоначалникот Стефковски.

Исто така, граѓаните своите предлози можат да ги достават и по електронски пат, на официјалната емаил адреса во општината gradonacalnik@gazibaba.gov.mk.

Тој ги повика сите граѓани на општина Гази Баба кои сакаат своите предлози да ги достават лично до него и раководителите на секторите во Општината, да дојдат на отворениот ден со граѓаните на 19.11.2021 година (петок) во периодот од 12 до 18 часот, во просториите на општина Гази Баба.

– Почитувани граѓани, Буџетот на општина Гази Баба за 2022 година ќе го напишеме заедно со вас и истиот ќе биде најразвојниот Буџет во историјата на општина Гази Баба. 2022 – ра година за граѓаните на општина Гази Баба ќе донесе реализација на голем број проекти со кој општината ќе ја направиме подобро место за живеење.

Пишувањето на Буџетот на општината во една ваква јавна и транспарентна постапка, е првиот чекор кон создавање на отворена општина во која одлучуваат граѓаните, рече на крајот на прес конференцијата градоначалникот Бобан Стефковски.