„Еве денеска штотуку добив информации дека ЕСМ Трејд поранешна ЕЛЕМ Трејд набавила електрична енергија за потребите на граѓаните за 10 дена од ноември, од 21 до 30-ти ноември во вредност замислете 12 милиони и 100 илјади евра за само 10-тина дена. Сега правиме анализа колку се потрошени пари за набавка на електрична енергија во ноември од страна на ЕЛЕМ поранешно, сегашно ЕСМ и МЕПСО ова што го краде од системот на оператори, и мислам дека ќе дојдеме до фрапантна бројка која што ќе биде еднаква на оние пари кои што ги повлече Владата од државните резерви, тоа се пари на граѓаните околу 4 милијарди денари или некаде околу 65 милиони евра. А, допрва ни доаѓа зимата, допрва доаѓаат студените месеци, како што се декември, јануари, февруари, па би рекол и март во зависност од тоа каква ќе биде зимата“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување за „Утрински Брифинг“.
Мицкоски додаде дека за да нема рестрикции потребни се многу пари, а тоа повторно од крајот на денот ќе го платат граѓаните. Но прашањето е зошто превентивно не се делувало за да државата не дојде до ваква ситуација.
„Уште 5-ти и 6-ти месец јас предупредував дека до ова ќе дојде. И тогаш бев напаѓан од страна на Владата. Но, еве тоа што го кажав, еве сега се случува. Сега за жал ситуацијата е таква“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека да власта размислуваше за доброто на граѓаните немаше да се доведе сега во ситуација да плаќа енормно скапа струја кога можела пред неколку месеци да купува за доста евтина цена.
„Немаше да се доведе до ситуација ТЕ-ТО, или БЕК во случајот е буквално ставен пред свршен чин. Државните резерви власта требаше да ги наполни. Се знае кој може да купи нафта и мазут во државните резерви. Се разбира кој може тоа да го направи. Прво, проверете еве Вие како новинар каков криминал е направен таму. Видете што се случуваше, кој ги набавуваше тие државни резерви, и колку беа на складиште тие државни резерви изминатиов период. И на крајот од денот немаше да дозволиме БЕК да се доведе до оваа ситуација. Регулаторите и државата треба да знаат дека БЕК има договор до крајот на годината“, појасни Мицкоски.
Мицкоски рече дека ако од власта продолжат со крадење ќе осиромаши народот.
-Народот еднаш плаќа што власта краде од тендери, сега ќе плаќа бидејќи има недостаток на енергенси. Власта само мести тендери за да се обогати, нема одговорност за овој криминал за жал, вели тој.