Највисоката планина на островот Јава силно еруптираше во саботата, исфрлајќи огромно количество пепел во небото над околните села.
Бројот на загинати се искачи на 15, а 27 се водат како исчезнати, соопшти денеска индонезиската Агенција за управување со катастрофи.
Вулканот повторно еруптираше во изутринава, потврди на Твитер индонезискиот Центар за вулканологија и геологија (ПВМБГ), предупредувајќи на континуирана сеизмичка активност.
– Семеру е еден од најактивните вулкани во Индонезија. Како и пред, така и по ерупцијата на 4 декември тој ќе продолжи со својата активност, изјави Лисванто, шеф на опсерваторијата на вулканот Семеру.
Во областа Самбервулух, спасувачките тимови се борат со лошите временски услови додека се обидуваат да ги извлечат жртвите од урнатините.
Потоци лава по ерупцијата во саботата уништија мост што поврзува два региони во блиската област Лумајанг со градот Маланг, што ги отежнува спасувачките напори.
Обезбедени се оброци и медицинска помош за повеќе од 1.700 евакуирани.
Тим за третман на трауми е испратен на терен за да им помогне на децата погодени од ерупцијата, објави Си-Ен-Ен Индонезија, а во областа се испратени стотици пакети со помош, вклучувајќи ориз, ќебиња, облека и други основни потреби.
Семеру е еден од повеќе од 100-те активни вулкани во Индонезија, земја која се протега низ Огнениот прстен на Тихиот Океан, област со висока сеизмичка активност.