Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, во однос на преговорите со Бугарија рече дека се водат разговори, и потсети на неговата средба со министерот во техничката Влада на Бугарија Стоев во Рига, а кажа и дека 14 декември не е краен рок за постигнување решение со Софија. Тој рече дека има конкретен ангажман и оти разговорите со Софија продолжуваат.
– Северна Македонија е дел од Европа, културно, историски и економски дел од Европа и треба да имате столче на масата на ЕУ. Во тој поглед ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да се покаже флексибилност во процесот на европски интеграции, како и продолжување на рефомскиот процес за тоа да стане реалност, рече Ескобар.
Тој изрази благодарност за партнерството на САД со Македонија, посочувајќи дека тоа не е само партнерстство, туку пријателство и сојузништво.
– Ние делиме заеднички вредности кои се во основа на нашата стратегија на споделени вредности. Ја изразувам благодарноста на Северна Македонија за континуираната поддршка и посветеност во НАТО, додаде Ескобар.
Османи од своја страна му изрази благодарност на Ескобар за неговата прва посета на Скопје.
– САД остануваат наш стратешки партнер и кредибилен сојузник, благодарни сме за јасната и гласна поддршка од САД. Во таа смисла нашите стратешки интереси се сто отсто комплементарни со интересите на САД, рече Османи на заедничката прес-конференција со Ескобар.
Шефот на дипломатијата истакна дека европската перспектива на Западен Балкан е најсигурна инвестиција во регионот.
– Нема сомнение дека европската перспектива на Западен Балкан е најсигурна инвестиција во стабилноста на регионот. Сега е моментот ЕУ да започне преговори со Северна Македонија. Тоа ќе биде голема потврда за нас да останеме посветени на демократските реформи и да ја забрзаме нашата европска интеграција. Уште поважно од тоа ќе биде големо охрабрување за другите, ќе се потврди кредибилноста на ЕУ, ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и помирување во регионот. Ќе се забрзаат евроатлантските интеграции и ќе се потврди геостратешката ориентација на нашиот регион, истакна Османи.
Тој изрази благодарност за посветеноста и фокусот што САД го даваат на регионот на Западен Балкан.
– САД се посветено ангажирани за побрзо да се изнајде решение со Софија бидејќи е од нивни стратешки интерес Северна Македонија да ги почне преговорите, изјави шефот на дипломатијата.
Османи по заедничката прес-конференција со Ескобар на која не беа предвидени прашања, во изјава за медиумите на новинарско прашање посочи дека не може да коментира во име на Ескобар дали тој имал средби со бугарски претставници за спорот или дали планира да ја посети Софија, повторувајќи ја пораката за американската посветеност.
Во однос на преговорите со Бугарија тој додаде дека се водат разговори, и потсети на неговата средба со министерот во техничката Влада на Бугарија Стоев во Рига, а кажа и дека 14 декември не е краен рок за постигнување решение со Софија.
-Тие разговори продолжуваат. 14 декември е формалниот состанок на Советот за општи работи, односно состанокот на министри за Европа на ЕУ, но тоа не значи дека е единствената шанса за декември. Имав средба и со словенечкиот министер за надворешни работи, Словенија е актуелно претседателство со ЕУ и разговаравме исто така за фактот дека и после 14 декември во кој било ден до крајот на годината словенечкото претседателство може да свика вонреден состанок на министри за Европа доколку добие информација од Бугарија дека се спремни да ја поддржат преговарачката рамка и одлуката за почеток на преговори. Што значи дека цел декември е можност за почнување на преговори, а се разбира и периодот после тоа. Нас се уште ни е таргет декември, нагласи Османи.
Тој вели дека не планира да ја спушти тензијата или интензитетот на неопходноста за започнување преговори што побрзо и покрај мислењата во јавноста дека не треба да се подигаат очекувањата на јавноста во однос на отворањето на преговорите.
На средбата во Владата на премиерот Зоран Заев со Ескобар, била изразена целосна поддршка од САД за изнаоѓање заеднички прифатливи одговори за билатералните прашања меѓу Македонија и Бугарија заради фактот што иднината на Македонија е во ЕУ како исклучително важна тема за САД, заедно со заедничкото стратешко учество во НАТО и со билатералното партнерството меѓу двете земји што е во постојан развој.
Партнерството меѓу САД и Македонија и членството на земјата во ЕУ се многу важни за Скопје и Вашингтон, наведоа од владината прес-служба во соопштението за средбата на Заев и Ескобар.
На средбата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров со Ескобар, Димитров рече дека почетокот на пристапните преговори со Македонија ќе означи заокружување на едно поглавје во исполнувањето на заедничката стратешка цел и создавање на нов моментум за европската иднина на регионот како гарант на стабилноста и демократијата.
Ескобар, како што соопшти СЕП, ја истакнал посветеноста на Македонија како НАТО сојузничка во обезбедувањето на регионалната безбедност и промовирањето на евроатлантските вредности, при што ја посочи важноста на Преспанскиот договор како столб на мирот и сигурноста во регионот.
– Покажаното лидерство и заложбите во реформскиот процес треба да бидат валидирани со заслужен напредок во европските интеграции на земјата, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција во процесот на преговори, нагласи Ескобар.
Во меѓувреме во Софија, бугарскиот претседател Румен Радев, серијата политички консултации денеска ја почна со претставниците на победничката партија „Промените продолжуваат“, јави дописникот на МИА од Софија, при што од копретседателите на новоформираната партија Кирил Петков и Асен Василев, побарал да го слушне нивниот став за Македонија.
Тој побара да знае што „Промените продолжуваат“ мислат за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, идентитетот, историјата и културата во Македонија, бидејќи бугарското општество очекува доследна акција од нивната дипломатија.
Двајцата претставници на „Промените продолжуваат“, не му го соопштија јавно својот став на бугарскиот претседател.
– Довербата на бугарските граѓани не се дава како подарок и таа мора да се одбрани, рече Радев, според кого преодните бугарски влади ја стабилизирале земјата и покажале дека во неа може да има заедничко дејство.
Ервопратеникот Илхан Ќучук во вчерашното обраќање на конференција на Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) и Либерално демократската партија (ЛДП), насловена „Обновен наратив за забрзана интеграција на ЕУ“, рече дека треба да се реши процесот меѓу Бугарија и Македонија, да бидат исполнети точките од Договорот, се со цел да прекине блокадата на Македонија.
Ќучук кој е копретседател на АЛДЕ нагласи дека целта на конференцијата е уште еднаш да се потврди чистата позиција дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од ЕУ.
Бугарскиот историчар Димитар Атанасов, пак, во анализа за „Дојче веле“ на бугарски јазик, вели дека проблемот со Македонија е резултат на целосното одбивање на низа бугарски влади да формулираат државна политика соодветна на новата реалност, нагласувајќи дека „помирувањето со минатото е неизбежно“.
– Темата за односот на Бугарија кон југозападните соседи се наоѓа во најболното подрачје на нашата колективна меморија. Помирувањето со минатото е неизбежно. Тоа минува низ горчливото сознание дека скаменувањето на неговите слики е капитал што политичарите вешто го насочуваат кон приватниот интерес. Проблемот со Северна Македонија е резултат на целосното одбивање на низа бугарски влади да формулираат државна политика адекватна на новите реалности, наведува бугарскиот историчар.
Според него, ако пред еден век во некои области на Македонија живееле Бугари, денес тие се само неколку илјади.
– Ако пред еден век бугарската книжевна норма ги вклучуваше говорите користени до Корча во Албанија и јужно Косово, денес во Академијата на науките постои литературен македонски јазик, создаден, слично на бугарскиот. Литературниот јазик не е земен од теренот, туку е конструиран на научен начин, а тоа се однесува на кој било литературен јазик, посочува Атанасов, кој е автор на истражувања од областа на балканската историја и употребите и злоупотребите на приказните за минатото.
Тој при тоа како примери ги посочува создавањето на норвешкиот јазик, кој е сличен со данскиот, како и на италијанскиот и шпанскиот јазик.
– Норвешкиот јазик ја доби својата литературна норма дури во дваесеттиот век. Тоа е сосема разбирливо за Данците, чиј јазик има многу подолга историја, но тоа не создава потсмев сличен на бугарскиот јазик кон македонскиот јазик и неговите говорители. Италијанците и Шпанците исто така се разбираат без потреба од превод, но нема соседи кои се расправаат за тоа кој е полегитимен наследник на поранешниот јазик на Римската Империја, појаснува Атанасов.
Истото, додава тој, важи и за македонската нација, и како и секоја друга, таа е факт и не е потребна добра волја од никого за таа да почне да постои целосно. Аргументот дека македонската нација е вештачки создадена е неодржлив – заедниците се резултат на консензус меѓу нивните членови, а не природен феномен, смета Атанасов.
Во политичкиот говор, омразата кон соседите не се смета за непристојна. Спротивставувањето на национализмот е еднакво на отпор против одредени политички субјекти, вели историчарот кој е дипломец на Софискиот универзитет, а денес работи во Институтот за етнологија и фолклор со Етнографскиот музеј на БАН.
Тој е дециден и дека треба да има промени во составот и пристапот на работа на Заедничката историска комисија.
– Несомнено е потребна промена во Заедничката историска комисија – и во нејзиниот концепт и во нејзиниот состав. Слободата на изразување бара од нас да признаеме дека историскиот наратив како таков не е предмет на регулација. Можеме да се согласиме во најопшти контури само за оној во учебниците. Подготвени сме да реформираме барем дел од застареноста во бугарските учебници. И со експерти кои свесно се вклучени во таков цивилизациски избор: историјата се развива заедно со општеството и нејзиното сфаќање како „света крава“ предизвикува блокади, заклучува бугарскиот историчар Димитар Атанасов.