„Ова ќе биде добредојдена вест за милиони семејства низ целата земја кои ќе имаат можност да ги вакцинираат своите деца“, порача Морисон во соопштението.
По прегледот на клиничките податоци од Канада, советодавната група за вакцинација препорачала осумнеделен интервал помеѓу дозите, кој може да се скрати на три недели доколку се влоши епидемиолошката ситуација.
Дозите на Pfizer ќе се применуваат во почетната фаза, додека регулаторите ја проценуваат соодветноста на вакцината на Модерна. Одлуката се очекува во наредните недели.
Одлуката доаѓа во време кога Австралија се обидува да ја забрза употребата на бустер дози откако станала една од највакцинираните земји во светот со вакцинирање со две дози на речиси 90 отсто од своето население над 16 години. Околу 70 отсто од децата на возраст меѓу 12 и 15 години се целосно вакцинирани.
Властите ги повикуваат граѓаните да земат засилувачка доза поради загриженоста за новата, позаразна варијанта омикрон.
Државата Нов Јужен Велс, која го вклучува најголемиот австралиски град Сиднеј, денеска објави 516 нови случаи на инфекција, најголем пораст во последните два месеци.
Повеќето од нив се предизвикани од варијантата делта, но бројот на инфекции со омикрон се зголемува откако Австралија го пријави својот прв случај пред околу две недели. Досега се откриени околу 50 случаи, повеќето во Сиднеј.
Австралија објавила околу 225.000 случаи на ковид-19 и 2.084 смртни случаи, многу помалку од многу земји.