Според родителите на почетокот на минатата недела учениците дури и престојувале во училниците без греење по што е одлучено од страна на наставниот кадар да се продолжи со онлајн настава.
-Ние добивме информација од професорите дека од минатата недела нафта во објектите каде учат нашите деца нема. Професорите донесоа заклучок да се оди онлајн и секој ден се добиваше информација дека наредниот ден ќе стигне нафтата, ама ништо од тоа, истакна Синиша Серафимовски родител на средношколец од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ”.
Наставата која се изведува на македонски јазик е единствената која се одвива во овие училници додека останатите се во централниот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ” на улицата „Браќа Миладинови”. Раководните лица на оваа образовна установа на новинарските прашања одговорија со најава дека ќе има греење затоа што била нарачана нафта.
-Нафтата била потрошена предвреме, оти еден од објектите каде се следи настава на македонски јазик во попладневните часови го користи спортската академија, тие се тука веќе пет години. Ние нарачавме нафта, но можеби доцни, затоа што од компанијата каде што треба да ни ја донесат нафтата имаат мнагу нарачки и најверојатно не можат да постигнат, информираа од раководството на тетовската гимназија.
Од друга страна немаа одговор на прашањата зошто не е реагирано на време за да се не случи ваква состојба и да има прекин во греењето на училниците.
Паралелките од наставата по македонски јазик во рамки на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ” веќе дваесет години учат во училници или простории во други објекти надвор од централниот објект. Неколку генерации со протести бараа да се реши просторниот проблем, а веќе пет години настава се следи во објектите кои порано беа медицинско училиште. Претходно настава се следеше на градскиот плоштад, во салата на Советот на Општина Тетово како и во основни училишта. Политички партии со години најавуваат нов објект во склоп на централната установа на гимназијата.