Предлог-буџетот тежи 4,4 милијарди денари. Вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари или 35,2 проценти од БДП, а вкупните приходи се проектирани на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Дефицитот е на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП. Капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит и изнесуваат 37,8 милијарди денари, што е за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година. Запазено е т.н. „златно правило во финансиите“, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи.
Во текот на изминатите денови, на пленарната седница беа изнесени различни ставови од страна на опозицијата и парламентарното мнозинство.
Пратениците од власта со став дека буџетот е развоен и со него ќе се забрза економскиот раст, ќе се обезбеди непречено функционирање на основните функции на државата и им се дава поддршка на реформските процеси во правосудството и на евроинтеграциските процеси. Буџетот, според нив, е донесен низ транспарентен и инклузивен процес за што доказ е прифатените 23 амандмани во вкупна вредност од околу 382 милиони денари од кои поголем дел се од опозицијата.
За опозицијата, буџетот е нереален и неразвоен со голем број капитални инвестиции кои нема да се реализираат. Граѓаните, според опозицијата, нема да добијат ништо за да се подобри нивното секојдневно живеење. Забелешки имаа и на тоа дека се намалени средствата за привлекување на странски инвестиции и дека не се планирани средства за аерозагадувањето.
Од Алијанса на Албанците се изјаснија дека нема да гласаат за Предлог-буџетот затоа што, според нив, приоритетите во него се нереални, има отсуство на транспаретност, загрижува нивото на јавниот долг и постојат причини поради кои може да не се реализира предвидената стапка на економски раст.
Предлог-буџетот беше усвоен на 30 октомври од страна на Владата заради запазување на роковите за донесување, а поради изборниот молк, соопштението од владината прес-служба беше објавено на 1 ноември. Предлог-буџетот потоа беше доставен до Собранието каде помина низ десетдневна расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет и повторно вратен во Владата каде беа прифатени 23-те амандмани.