Премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера излегоа со отворено писмо пред Самитот, закажан за 20 и 21 декември, во кое напоменаа дека оваа иницијатива досега ги вклучува само Србија, Албанија и Македонија, но таа е отворена за сите членки на Западен Балкан.
-Ја користиме оваа прилика уште еднаш да ги поканиме сите наши соседи да се придружат и да им ги понудат на своите граѓани поволностите што ние им ги нудиме на нашите. Преку слободата на движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, нашата соработка може да ја поттикне трговијата и растот и да го олесни животот на секој поединец во нашето соседство, се наведува во писмото потпишано од Заев, Вучиќ и Рама.
Тројцата лидери нагласуваат дека граѓаните на Западен Балкан, како составен дел од Европа се предолго изоставени од неа, а желбата на нивните народи да бидат прифатени од членките на ЕУ повеќе пати биле попречувани од внатрешните политики на земјите-членки, неисполнување на дадените ветувања и стравот од иднината.
Нагласуваат дека наместо да се жалат одлучиле да преземат конкретни чекори и во ноември 2019 година го потпишале прелиминарниот договор за стимулирање на таканаречениот Берлински процес, а нивната визија е да се надминат социјалните, економските и трговските бариери кои го забавуваат економскиот раст во целиот регион, со имплементација на четирите европски слободи во нашите земји.
Во писмото, Заев, Вучиќ и Рама потенцираат дека „Отворен Балкан“ не е утешна награда наместо членство во ЕУ, туку, напротив, голем чекор кон тоа.
На Самитот, ќе учествува Заев, кој следната недела, според најавите треба да се повлече од премиерската функција, по оставката што ја понуди по локалните избори. Тој ќе ја предводи владината делегација на состанокот во Тирана, на кој се предвидени повеќе точки, меѓу кои потпишување на трипартитни и билатерални договори, регионален форум за земјоделие и повеќе билатерални состаноци по кои ќе следува прес-конференција на тројцата лидери.
Владата пред состанокот на 128 седница донесе повеќе одлуки и заклучоци кои се однесуваат на договорите и меморандумите што треба да бидат потпишани во Тирана, а се однесуваат на остварување на можноста за пристап до пазарот на труд во Северна Македонија, Албанија и Србија, како и на соработката на царинските и фитосанитарните управи на овие земји.
Иницијативата беше повод за забелешките што си ги разменија Заев и претседателот на државата Стево Пендаровски, по неговата посета на Косово, каде тој упати критика за „Отворен Балкан“, нарекувајќи ја фалична иницијатива, бидејќи во неа не се вклучени сите шест држави од Западен Балкан.
Пендаровски на заедничката прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи напомена дека се додека иницијативата не ги опфати сите шест држави на Западен Балкан нема да биде успешна. Според него, „Отворен Балкан“ треба да биде само еден аспект од Берлинскиот процес, кој има институции и ресурси, а оваа иницијатива тоа засега го нема.
– Добронамерни иницијативи се разбира може да бидат само дел, не може да бидат супституција на Берлинскиот процес кој продуцираше одлични резултати досега и кој трае веќе 7-8 години со тенденции да се проширува и обогатува со нови содржини, рече Пендаровски.
Заев изрази изненадување од ставот на Пендаровски, велејќи дека е неразбирливо зошто некој би бил против пријателство со соседите, против зближување на младите и народите од Западен Балкан и против полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот.
Според Заев, особено е неразбирливо кога „ваквата негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните“.
– Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот, истакна Заев за ТВ 21.
На ова одговори Кабинетот на шефот на државата, кој појасни дека претседателот никогаш не бил против зајакнување на економските процеси, олеснувањето на царинските процедури и слободниот проток на луѓе и капитал меѓу земјите на Западен Балкан, но оти фактот што половина од државите во регионот не се дел од иницијативата, го лимитира нејзиниот потенцијал. Оттаму појаснија дека ставот на Пендаровски е конзистентен, а тоа е дека нашата држава нема алтернатива на патот кон полноправно членство во ЕУ и дека доколку иницијативата „Отворен Балкан“ има таков карактер, таа не е прифатлива за ниту еден политички субјект во Македонија.
На отвореното писмо на тројцата лидери вчера реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која побара од Заев и новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски да одговорат дали „Отворен Балкан“ е замена за ЕУ.
-Регионалната соработка е добра, но Отворениот Балкан не смее да биде прифатен за утешна награда како замена за стратешките цели кој кои цели државава, велат од опозициската партија.
На одржувањето на состанокот вчера реагираше и поранешниот албански претседател, експремиер и историски лидер на опозициските демократи, Сали Бериша, кој повика на масовен протест против „Отворен Балкан“ в понеделник, споредувајќи ја иницијативата со „обид регионот да се стави под српска хегемонија“.
Бериша вчера пред да гласа на референдумот што тој го организира за разрешување на актуелниот лидер Љуљзим Баша, ги повика албанските граѓани в понеделник во 16 часот „да протестираат во одбрана на националните интереси“, а „Отворен Балкан“ го опиша како „сојуз против виталните интереси на Албанците, како сојуз кој промовира дестабилизација, оспорувајќи го Берлинскиот процес, а со цел регионот да го стави под српска хегемонија“.