Организацијата „Меморијал интернешнл“, една од најистакнатите невладини организации во земјата, е обвинета врз онснова на контроверзните закони за невладини организации кои бараат здруженијата финансирани од странство да го означат целиот свој материјал како „странски“.

Обвинителот Алексеј Жафјаров пред Врховниот суд изјави дека „Меморијал интернешнл“ ја искривува историјата.

-Очигледно е деја ‘Меморијал’ создава лажна слика за СССР како терористичка држава, рече денеска Жафјаров, додавајќи дека на списокот на жртви на сталинистичката репресија што го составил „Меморијал интернешенл“ има и како што рече, нацистички престапници кои на своите раце имаат крв на советски граѓани.

-Ние, кои сме потомци на победниците во Втората светска војна, треба да внимаваме на обидите за рехабилитација на предавниците на татковината и нацистичките соработници, рече Жафјаров, чија изјава ја пренесува „Дојче Веле“.

Обвинителите пред судот тврдеа дека организацијата ја крие вистинската улога на странските агенти и се обидува да влијае на владината политика и јавното мислење.

„Меморијал“ е најстарата невладина организација за човекови права во Русија. Основана е во 1987 година, четири години пред распадот на Советскиот Сојуз. Сега се состои од два оддела – „Меморијал интернешнл“, кој се занимава со злосторствата од советската ера и „Меморијал хјуман рајтс“, кој се занимава со политичките затвореници во современа Русија. Вториот оддел често зборува во корист на Алексеј Навални и другите политички противници на претседателот Владимир Путин.