Во својата новогодишна порака, Гутереш истакна дека светот ја дочекува 2022 година со бројни предизвици, како што се растечката сиромаштија и зголемената нееднаквост, нееднаквата распределба на вакцините против Ковид-19, неисполнетите ветувања во борбата против климатските промени, но и конфликти, поделби и дезинформации.
– Ова не се само тестови за политичарите. Ова се морални и реални животни тестови. Ова се испити кои човештвото може да ги положи доколку се обврземе 2022 година да ја направиме година на закрепнување за сите, истакна Гутереш.
Тој изнесе детали за тоа како е можно закрепнување на секој од постоечките фронтови.
– Закрепнувањето од пандемијата бара силен план за вакцинација на секој човек, секаде во светот. За закрепнување на економијата, побогатите земји мора да го поддржат светот во развој, со финансирање, инвестиции и отпишување на долговите. Закрепнување од недовербата и поделеноста бара да се стават науката, фактите и разумот во преден план, додаде генералниот секретар на ОН.
Според него, за закрепнување од конфликтите потребно е „обновен дух на дијалог, компромис и помирување“, а за закрепнување на планетата потребни се заложби во борбата против климатските промени, кои ќе бидат согласно обемот на кризата и итноста за нејзино надминување.