Турболентна, неизвесна, вака ја оценуваат 2021 година, сите инволвирани страни во текстилниот сектор. На самиот нејзин крај позитивната вест е што токму крајот на 2021, а почетокот на 2022 година е периодот кога оваа индустрија почнува да се стабилизира.
Компаниите се ставени на чекање и будно ја следат ситуацијата на европскиот пазар. На самиот крај од 2021 година пристигнуваат и претставки и реакции од работници за неисплата или исплата на К -15 од само неколку денари. Од познатото штипско здружение „Гласен Текстилец“ велат дека претставките ќе ги сумираат во јануари. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека К-15 е предмет на манипулација секоја година.
– Повторно да напоменам дека единствената причина за не исплаќањето на соодветна сума е колективниот договор каде Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи се потпишале и тој дел гласи: „Кај работодавачите кај кои настанале потешкотии во работењето, ценејќи ја економско – финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна предходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор, вели Ампева.
Таа за МИА дава и своја оценка за 2021 година, од аспект на работничките права.
– Ако се свртиме назад низ цела 2021, може слободно да се истакне дека е за нијанса подобра од 2020 година и онаа криза која се случуваше и за која воопшто не бевме спремни, како граѓани, организации, институции, држава. Оваа година се смирија, некои појави кои се случуваа во 2020-та, но не дека немаше проблеми со прекршување на работничките права, пријави и барања од наша страна за вршење на надзор врз приватните компании од страна на инспекциски служби и останати институции. Одговорно тврдам дека дадовме се од себе како здружение да бидеме од корист на било која засегната страна (Влада, Собрание, надлежни министерства, инспекциски и останати државни институции, бизнис сектор и работници) се со цел ги намалиме штетните последици од корона кризата, вели Ампева.
Забележува дека цела година биле на „штрек“. Праќале дописи, апели, молби за да пратениците не си играат со судбините на работници и на компании, кога имаше политичка блокада за донесување на мерките и помошта на државата, со која се зачувуваа работните места. Реагираа и на злопуотребата на државната помош бараа одговорност од сите, а за година и пол правна помош дале на над 12.000 работници и работнички во земјава.
Во април 2021 година, текстилниот сектор беше пред колапс. Над 6.000 текстилни работници во земјава беа испратени дома, на колективен одмор, кој траеше две недели. Бизнис секторот оваа одлука, која силно одекна во текстилните градови Штип, Прилеп и Кочани ја образложија, со тоа дека немаат ниту нови нарачаки од странските партнери, ниту пак државна помош во исплата на плати, која беше заглавена со Собранието. Машините во погонети тогаш стивнаа, а автобусите со работниците во раните утрински часови и попладне не го правеа сообраќајниот метеж низ штипските улици.
Претставникот на штипските конфекции во Текстилниот кластер, Кирил Нашков тогаш за МИА изјави дека државната помош од петтиот пакет на мерки не е за спас на фирмите, туку е за спас на работните места во реалниот сектор, кој се соочува со низа на проблеми и неизвесност, поради пандемијата и мерките во земјите од ЕУ, од каде што им пристиугнуваат и нарачките за работа.
– Цело време ние инсистираме да се зборува за спасување на работните места, луѓето тоа малку го разобличуваат и говорат за спасување на фирмите. Напротив се работи за спасување на работните места. Ако добиеме помош од Владата, веројатно многу работни места ќе бидат зачувани. Затоа што компаниите ќе бидат во состојба да го сочуваат, спасат работните места, меѓутоа ако нема помош издатоците се премногу големи, за да фирмите ги издржат, изјави Нашков за МИА на 11 април 2021.
Според проценките на Нашков, пандемијата од 20 до 30 отсто го намали бројот на вработени во текстилните конфеции. Според него, изминатиот период битката била да се задржат работниците, бидејќи со години им требало да градат добри тимови. Текстилството и пред пандемијата одеше по надолна линија, заедно со кожарската индустрија сочинуваа околу 20 проценти од вработените во државата. До крајот на 2021 година во Штип клуч на врата ставија три штипски конфекции, а работниците се најдоа на списокот на невработени.Токму и анализите на ЗМАИ покажаа дека и во 2021 година продолжува трендот на отпуштање на работници.
Виктор Митевски од Невладината ЗМАИ на „Текстилијадата“ во октомври 2021 година во Штип изјави дека претходната 2020 година поради силниот удар на пандемијата, а особено врз трудоинтензивните дејности без работа останаа речиси 7.000 работници. Најголем број од работниците, кои останаа без работа се со решенија за определено работно време.
– Зголемениот број невработени од оваа индустија, покажува дека текстилната индустрија има потреба од трансформирање и дополнителна поддршка и од државата, но и од целиот систем, со цел да бидеме по конкурентни, имајќи предвид дека нашата тесктилна индустрија работи и е зависна од нарачките од странство, рече Митевски на 7 октомври 2021 на прес-конференцијата на „Текстилијадата“ во организација на „Гласен Текстилец“-Штип.
Порача и дека под итно е потребна трансформација на текстилниот сектор во земјава, кој работи лон производство, а трансформацијата треба да оди и во насока на модернизација на производството.
Текстилниот сектор чека подобри времиња во 2022 година.
Текстилниот сектор на крајот од 2021 година почна полека да се стабилизира, но се оди бавно, е оценката на Маријана Перковска од Кластерот за текстил.
– Се наоѓаме во еден период, кога треба да се издржи, во смисол на тоа на зголемените транспортни трошоци, зголемениот стандар на блискиот и далекиот исток. Цените веќе се покачени и се сели проивзодството пополека во Европа, повторно, а посебно на Балканот. Меѓутоа, кога доаѓате секогаш барате пониски цени, а од друга страна се поскапува, тука е и електричната енергија, суровини. Така да ќе помине еден период додека се стабилизира не само побарувачката, туку и цените на европските пазари, вели Перковска.
Забележува дека македонски компании биле на саем во Германија, каде имале преговори и со странските партнери.
– Но, тоа се преговори и работи за што треба малку да почекаме, односно период од три до шест месеци, минимум, по што ќе видиме кои налози ќе останат, што ќе може да се одговори на потребите. Така да се уште е рано за да може да се каже дека е стабилизирано или дека ќе се случува нешто поволно. Сами сме сведоци дека има повторно некои стравувања оти би можело да дојде до пандемија, ако се случи тоа било какви прогнозирања или било какви очекувања се неизвесни и никој не може да кажува што и како ќе се случува, вели Перковска.
Посочи дека неизвесноста дефинитивно продолжува со новиот сој на коронавирусот омикрон, се уште не се знае какви локдауни ќе има во западно европските земји, а добар дел од текстилната стока стои како залиха.
За разлика од бизнис секторот, кој бара работа и да продолжи процесот на производство во погоните. Невладината „Гласен Текстилец“ на крајот од 2021 година почна една друга битка, за формирање на синдикат. Ампева вели дека правото на К-15 мора да стои во самиот Закон за работни односи и да им следува ова право на сите вработени и во јавен и во приватен сектор со точно дефинирана сума на исплата.
– Еве поради овие причини, започнавме да бараме поддршка од самите работници, за да може да основаме синдикат и ја покажеме на дело моќта и бенефитите од тоа да бидете синдикално организирани. Тогаш нема да ги молиме ССМ да поправат нивни грешки, нема да молиме институции да прават надзор во фирмите, туку ние ќе бидеме внатре во тие фирми,институции и заедно со работниците ќе ги бараме и добиваме нивните права од работен однос. Тогаш нема да бараме измени на општ колективен договор, туку ќе имаме договори на ниво на фирма, вели Ампева.
Се надева дека што поскоро ќе ги решат правните процедури за основање и упис на синдикатот.
Текстилството и пред пандемијата одеше по надолна линија, заедно со кожарската индустрија сочинуваа околу 20 проценти од вработените во државата. Секој петти граѓанин на истокот има над 65 години,стареењето на работната сила, но и демотивираноста на младите да работат во реалниот сектор се уште поголеми проблеми, за кои треба да се најдат решенија.