Македонската ракометна репрезентација во комплетен состав го почна вториот дел од подготовките за претстојното Европско првенство, откако сите репрезентативци се негативни на коронавирус на последното тестирање, соопшти денеска Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Од РФМ посочуваат дека согласно протоколите за учество одредени од Европската ракометна федерација (ЕХФ), сите ракометари во репрезентативниот табор се имунизирани против вирусот Ковид-19, а во текот на подготовките биле извршени превентивни ковид тестирања и истите биле негативни.
Македонската репрезентација ќе ги одработи последните тренинзи во Скопје пред заминување за Дебрецин, а предвидени се два контролни натпревари, на 3 и 4 јануари против Израел, кои ќе бидат од затворен тип.
Протоколот од ЕХФ за учество на ЕП 2022 предвидува ковид тестирања на учесниците на 4-ти, 7-ми и 10-ти јануари, а ракометните репрезентативци заминуваат за Дебрецин на 11-ти јануари. Првиот натпревар е против селекцијата на Словенија на 13 јануари, со почеток во 18:00 часот.