Доста СДСМ го лаже и го убедува народот за покачувањето на електричната енергија. Вистината е дека го клекнаа енергетскиот систем на колена и граѓаните ќе плаќаат над 15% поскапа струја поради нивните криминали, неспособност и неодговорност, ова денеска преку прес-конференција го истакна Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-АД ЕЛЕМ не е во состојба да произведува електрична енергија. Ископ на јаглен во РЕК Битола речиси и да нема, работи едвај со два блока, хидроакумулациите се целосно празни. РЕК Осломеј е надвор од погон. Проблемите во енергетиката нема да исчезнат со лажните пресови на Бихачка. На народот му е јасно! Зголемувањето на цената на електричната енергија и укинувањето на ефтината тарифа преку ден, ќе предизвикаат осиромашување на домашниот буџет за повеќе од 15 %. Сето ова во комбинација со веќе поскапените цени на храната во маркетите е повеќе од доволен доказ дека СДСМ ја пеплоса Македонија. Само да потсетиме. Зголемувањето на цените во маркетите во голем дел се должи што истите тие набавуваат електрична енергија на слободниот пазар, каде цените се 5-6 повисоки од порано. А, сето ова се случува бидејќи СДСМ мислеше само на тендерите во РЕК Битола, наместо се погрижи за кризната состојба да помогне на големите потрошувачи и да ја спаси домашната економија, вели Антовски.

Тој додава дека како новогодишна честитка на скопјани дополнително им се испорача и повисока цена на парното за 14 проценти.

-И тоа не е сẻ! Во АД ЕСМ по налог на генералниот директор Васко Ковачевски со Одлуката за принуден одмор на вработени кои не се неопходни во процес на производството, се отвори пандорината кутија за испуштање на вработените на принуден одмор со 70% од плата, а подоцна и трајно губење на работните места. Сега се отвара дилемата дали е ова вовед во намалување на бројот на вработени како предуслов да ги спасат своите сопартијци и да се ослободат од неистомислниците? Времето ќе го покаже одговорот на ова прашање. Едно е јасно! За да се спаси она што е останато, неопходни се промени. Потребни се предвремени избори, после кои на местото на оние кои што ја уништија енергетиката, ќе дојде стручна раководна гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ која знае да решава проблеми и да управува со енергетиката. Колку побрзо се случи тоа, толку побрзо Република Македонија ќе ги реши енергетските проблеми, вели Антовски.