Целосно е реализирана програмата на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово под чии ингеренции е и театарот, соопштија денеска надлежните од установата. Во тек е и реконструкција на одвоената зграда на кумановскиот театар. Од установата најавија дека ќе подготват проект за нова потстаница на системот на греење за Центарот за култура.
– Имавме шест театарски премиери што во условите во кои функционираме, а тоа се два театри – македонска и албанска драма, навистина имавме одлична реализација. Секако, тука се и изложбената дејност, музичките концерти, промоциите на книги и сите останати настани од културата, изјави Сашо Тодоровски, директор на кумановскиот Центар за култура.
И покрај пандемијата, установата имаше успешна година, смета Тодоровски. Во Центарот за култура, согласно протоколите, одржани се 32 концерти, 14 изложби, пет промоции на книги, ликовни работилници. Што се однесува до инфраструктурата, од установата посочија дека тековно се одвива првата фаза од реконструкција во Театар Куманово.
– Деновиве имавме посета од министерката за култура Ирена Стефоска при што разговаравме околу моменталната изведба која тече според планираното и за следните фази од изведбата на проектот кои треба да се случат во следните три години. Очекуваме дека оваа 2022 година по завршување на втората фаза од изведбата, при крајот на мај, треба да се распише јавна набавка за втората фаза од реконструкцијата. Оптимисти сме дека реконструкцијата ќе оди во предвидениот рок со обезбедување на потребните финансиски средства изјави Тодоровски.
Годинава и наредните претставите од Театар Куманово ќе се играат на сцената во Центар за култура. Театарот е во очекување на новата годишна програма и од февруари ќе почнат подготовките за нови претстави.
Во рамки на Центарот е предвидено санација на системот за парно греење, проблем кој се провлекува со децении во зградата на установата.
– За системот за парно греење имавме фаза на проверка на системот каде требаше соодветна фирма да го провери постојниот систем кој го има во Центарот за култура и фирмата која го изведе тоа заедно со извештаите од двата надзори заклучија дека постојниот систем е комплетно нефункционален и застарен и невозможно истиот да биде функционален со оглед на временскиот рок во кој бил вон употреба. Во моментов сме во подготовки на проект за изведба на нова потстаница која ќе може да се приклучи на постојниот проект за гасна котларница кој е подготвен. Процедурата е голема и обемна, но оптимисти сме дека во следниот период ќе имаме конкретни завршни проекти за да може да аплицираме за финансиски средства за изведба на истиот, додава Тодоровски.