Руско-американските разговори денеска завршија со повторување на безбедносните гаранции од Русија и предупредување од САД дека Москва ќе се соочи со последици доколку одлучи да ја нападне Украина, јавуваат странските агенции.
Американскиот заменик државен секретар Венди Шерман изјави дека му порачала на својот руски колега дека евентуална инвазија на Украина ќе доведе до „значајни, огромни“ последици. Таа исто така рече дека Вашингтон нема намера да преговара за Украина без учество на Киев, како и за деталната безбедносна архитектура на Европа без Европејци.
-Вашингтон, исто така, ја предупреди Москва дека политиката на отворени врати на НАТО ќе продолжи и покрај руските барања, изјави Шерман.
Таа денеска во Женева разговараше со рускиот колега Сергеј Рјабков за ограничувањата на распоредувањето проектили и за воените вежби во Европа.
Притоа, на Москва и порача дека САД се подготвени наскоро да ги обноват разговорите. Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков ги опиша руско-американските разговори како професионални, но рече дека се неопходни компромиси за напредок.Русија во декември побара гаранции од НАТО дека Украина никогаш нема да стане членка на воено-политичката алијанса, бидејќи тоа ќе биде закана за безбедноста на руската нација.
-Продолжувањето на идните разговори делумно ќе зависи од напредокот во постигнувањето договор за ова прашање, рече Рјабков.
Тој додаде дека „Русија ќе одлучи за продолжување на разговорите со САД по состаноците оваа недела со НАТО и Европската организација за безбедност и соработка (ОБСЕ).
-Основа за договор меѓу Русија и САД постои, рече Рјабков, но предупреди дека САД не треба да ја потценуваат опасноста од конфронтација.
Разговорите меѓу САД и Русија во Женева за тензиите околу Украина траеја осум часа.
-Не е постигнат напредок за идното членство на Украина во НАТО, рече Рјабков.
Во пресрет на разговорите, Вашингтон изрази надеж дека тие ќе резултираат со деескалација на ситуацијата на украинско-руската граница. Русија донесе 100.000 војници на границата со Украина. Киев и Вашингтон тврдат дека се подготвуваат за инвазија, осум години откако го анектираше полуостровот Крим.Русија ги отфрла овие тврдења и истакнува дека одговара на агресивното и провокативно однесување на НАТО и Украина.
Минатиот месец Москва ги претстави своите барања до Западот, кои вклучуваат вето за натамошното проширување на НАТО на исток и прекин на нејзините активности во земјите од Централна и Источна Европа кои му се приклучија по 1997 година.
Соединетите Американски Држави и НАТО веднаш отфрлија голем дел од предлозите на Русија, предизвикувајќи загриженост за можноста за каков било договор.
Американскиот претседател Џо Бајден неколку пати го предупреди својот руски колега Владимир Путин дека САД и европските сојузници ќе воведат санкции без преседан доколку Русија одлучи да ја нападне Украина.