Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски денеска имаше работна средба со градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски. Единствена точка беше појавата на африканска авинска чума на подрачјето на Општина Делчево и мерките кои се преземаат за нејзино сузбивање.
По првичното констатирање на вирусот кај единки во одгледувалиште во делчевското село Драмче, како што истакна Бабовски, спроведена е акција за депопулација на домашните свињи во радиус од три километри од првичното жариште, за што сопствениците ќе добијат финансиско обештетување.
-Тоа нема да биде на нивна штета и нема да има финансиски негативен ефект врз ,,држателите” на овие животни. Во останатата надзорна зона, која се протега во радиус од 10 километри исто така ќе се изврши депопулација. Кај оние свињи кај кои ќе се дијагностицира дека се во добра здравствена состојба и дека кај нив не е присутен вирусот, од секоја една свиња ќе се земе примерок за испитување, ќе одат на економско искористување во кланиците, каде што на сопствениците ќе им биде надоместено, исто така финансиски се она што претставува пазарна вредност на овие животни, рече Бабовски.
Според него, целта на мерките што ги презема АХВ деновиве преку активирање на Националниот центар за контрола на болести заедно со сите институции и локалната самоуправа, е државата што побрзо да си го поврати статусот на земја слободна од африканска свинска чума.
-Досега се боревме и ја заштитивме државата од влијанијата од соседните држави, каде веќе беше констатирана оваа болест која е доста контагиозна, завршува со летален исход по свињите и претставува голема економска штета која може да се јави во свињарството. Заради тоа уште од првиот ден, 6 јануари 2022, имаме комплетна мобилност на Агенцијата, на локалната самоуправа и на сите членки во Националниот центар за контрола на болести, додаде директорот.
Во изминатите пет дена, како што додаде градоначалникот Трајковски, се мобилизираше и Општината. Во координација со АХВ и Кризниот штаб секојдневно се одржуваат координативни состаноци. Тој апелираше на зголемена свест на сите засегнати – да се почитуваат мерките утврдени со цел спречување на натамошно ширење на болеста.
-Иако ова жариште, за жал, е на територија на нашата општина, да придонесеме сите да не се рашири на територијата на други општини и цела држава, зашто би имале многу поголеми финансиски импликации и како држава и како луѓе. Како локална самоуправа ќе работиме на подигање на свеста на фармерие, рече Трајковски.
Тој најави дека заедно со Јавното комунално претпријатие, МВР и сите останати, Општината во координација со АХВ, ќе продолжи да ги презема сите потребни активности за болеста да се стави под контрола.