Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, гостуваше во утринската емисија „Добро утро, секое утро” која се емитува на телевизија Алфа.
Тој говореше за новото училиште кое започнува да се гради во Визбегово и со кое конечно ќе се реши проблемот на дечињата кои до сега мака мачеле да стигнат до училиште, многу километри оддалечено од нивното место на живеење.
Денеска во 12 часот ќе одиме на парцелата на увид на лице место и практично на некој начин ќе го одбележиме почетокот на изградбата на ова ново училиште. Тоа ќе биде со капацитет над петстотини ученица, рече Костовски.
Како што рече градоначалникот, не смее да се дозволи во ова модерно време децата да патуваат десетици километри од дома за да стигнат на часови, затоа ова училиште кое ќе се изгради ќе биде од огромно значење за околу петстотини деца и ќе се олесни процесот на наставата.
Ова ќе биде убаво и модерно училиште со спортски реквизити и игралиште околу но за жал нема да има спортска сала во првата фаза, но јас се надевам дека со убава ангажираност во иднина ќе добијат и спортска сала. Станува збор за едно убаво и современо училиште кое ќе ги задоволи сите битни потреби за овој модерен тип на настава, кажа Костовски.
Општина Бутел целосно ќе се заложи да обезбеди соодветна инфраструктура и пристапни патишта до училиштето.