Севернокорејски хакери украле речиси 400 милиони долари (291 милиони фунти) – во дигитална валута, при најмалку седум напади на платформи за криптовалути минатата година, се тврди во извештај, јави Би-Би-Си.

Компанијата за анализа на блокчејн Chainalysis информира дека ова е една од најуспешните години за кибер-криминалци во затворената источноазиска држава.

Мета на нападите главно беа инвестициски фирми и централизирани берзи.

Северна Кореја негираше дека е вмешана во хакерски напади.

-Од 2020 до 2021 година, бројот на хакери поврзани со Северна Кореја скокна од четири на седум, а вредноста извлечена од овие хакери порасна за 40 отсто, се вели во извештајот на Chainalysis.

Хакерите користеле голем број техники, вклучувајќи мамки за фишинг, експлоатирање на кодови и малициозен софтвер за да ги симнат средствата од „жешките“ паричници на организациите и потоа да ги пренесат на адреси под контрола на Северна Кореја, соопшти компанијата.

Во февруари минатата година, САД обвинија три лица од Северна Кореја, компјутерски програмери, за масивно хакерство со цел да украдат над 1.3 милијарди долари – пари и криптовалути.

Според Министерството за правда, сајбер нападите погодија компании од банки до холивудски филмски студија.