Ова е Влада, исто како и досегашната, која што нема кредибилитет и капацитет да ја извади Македонија од тешката ситуација во која што се наоѓа веќе подолг период, а е резултат на деструктивното и катастрофалното владеење на претходникот и учителот на Ковачевски, Зоран Заев, порача пратеникот и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната собраниска седница на која се дискутира за изборот на новата влада, додавајќи дека голем дел од кадрите кои што се предлагаат за министри се дел од луѓето кои што ја доведоа Македонија во држава каде што цвета криминалот, корупција, држава во која што има голема финансиска, економска, здравствена, а последно и енергетска криза.
Погубните политики на СДСМ кои беа водени од луѓе и кадри кои доведоа до страшна криза во Македонија во здравството генерално, вклучувајќи ги и последиците од КОВИД 19, енергетската криза, хаосот со снабдување на Скопје со топлина, како и економската криза во државата, сега ние треба да поверуваме и да очекуваме дека овие исти луѓе ќе донесат добро за државата и граѓаните“, рече Мицевски.
Мицевски потсети и за едногласно усвоената, Декларација за утврдување на црвените линии во спорот со Бугарија.
Впрочем, да Ве потсетам дека на 29 јули 2021 година овде во Собранието на Република Македонија, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, сите едногласно сите политички партии донесовме Декларација за утврдување на црвените линии во спорот со Бугарија. Се надвор од рамките на таа Декларација, ќе Ве направи соучесник во предавството кое што се подготвува, но и соучесник во непочитувањето на волјата на граѓаните кои не гласале да бидеме нивни претставници и застапници во оваа законодавно Собрание“, рече Мицевски.
Тој истакна дека, сепак, оваа Влада, исто како и претходната, од самиот старт е на стаклени нозе и нема иднина и дека оваа Влада нема легитимитет од народот бидејќи не е избрана од народот.
На сите ни е јасно дека ова е Влада составена во кабинетот на Зоран Заев и дека оваа коалиција е резултат само на политички пазар, воден од тесно партиски и бизнис интереси и ништо повеќе. На сите ни е јасно како беше формирано ова парламентарно мнозинство кое го гледаме денес и треба да ја гласа оваа Влада. Сите го видоа новиот „демократски“ начин на обезбедување на мнозинство на пратеници, преку видео изјави на непознати локации и пред бели ѕидови“, истакна Мицевски.
Тој додаде дека токму затоа, оваа Влада не може да се нарече народна Влада и таа не е гласот и волјата на народот, туку таа глас и волја на одредени ликови кои ја држат Македонија и граѓаните во заложништво само за да си ја задоволат пустата желба за власт и фотелја.
Мицевски го повика мандатарот Ковачевски да не биде слеп послушник и извршител на досегашните деструктивни политики кои што Македонија ја доведоа до ова дереџе и дека ќе работи во интерес на граѓаните и државата.
Се надевам дека нема да Ве заслепи златниот сјај на прескапиот прибор и дека доколку добиете шанса, ќе работите во интерес само на граѓаните и државата, а не во интерес на партијата, како што гордо протежираат и се фалат Вашите најблиски партиски соработници“, рече Мицевски.