Светле Пупунческа од Прилеп, магистер е по економски науки. Со семејството произведува бостан, пиперки, кромид. Преку зимата и тестенини. Пандемијата и брзиот начин на живот наложи он-лајн продажба на производеното. Го прифаќа тоа и смета дека е иднината за руралната жена, производителка.

Со Папунческа разговаравме среде прилепскиот градски зелен пазар, еден од најразвиените во земјава. Таа е искрена во споделувањето на искуствата и на она што не очекува. особено во овој пандемиски, а и потоа, постпандемиски период.

– Јас и моето семејство се занимаваме со градинарски производи, поточно со производство на бостан, пиперки и на кромид. Во зимскиот период, кога е завршено градинарското производство се занимаваме со производство на тестенини. Дел од производите ги продаваме преку лични контакти, дел преку социјалните медиуми. Ограничувањата кои ни ги направи ковид-пандемијата, ни ја наметнаа потребата да наоѓаме нови начини на пласман. Најчесто тоа го правиме преку социјалните медиуми, поконкретно преку Фејсбук. На зелениот пазар продажбата има предности, но и недостатоци. Признавам, предност за купувачот е што има директен контакт со производот. Но брзиот начин на живот ја наметнува потребата да се пронајдат нови начини на продажба, вели Светле Папунческа.

Папунческа е радосна што се отвори електронскиот пазар „Наша тезга“,инициран од невладината „Рурална Коалиција“.

– Порталот „Наша тезга“ е одлична можност, особено за нас жените-производителки на организиран начин да ги пласираме производите, и тоа, не само на локалните, туку и на купувачите ширум земјава. Со тоа се подобрува пласманот. Очекуваме со порталот „Наша тезга“ да ги подобриме пласманот и продажбата, да ја подобриме финансиската состојба, да се скрати времето поминато на тезгите на зелените пазари – транспортот, понудата, а тоа време да го користиме за поквалитетно производство. На сите жени производителки им препорачувам да ги користат поволностите што ги нуди електронската трговија и ќе допрат до пошироката потрошувачка, заклучува Папунческа.

Прошетката во зелениот пазар во прилеп ни донесе сведоштва на жените-земјоделки. Тие не знаат многу за Интернет-продажбата, ама се подготвени да научат ако им се објасни.


Илинка Кузеска 40-тина години продава на зелениот пазар. Имаат големо производство на јаболка. Не е запозната со електронската продажба, ама ако има помош, да ја запознаат со начинот, зошто да не. Ќе се продаде родот кој, голем дел, им останува и скапува.

– Јас, а повеќе мојот син, е по пазарите. Не сум запозната со електронската можност за продажба, ама зошто да не? Ако се објасне, може да се постигне. имеме многу јаболка произведено, така што продажбата, каква и да е, е добредојдена, вели Кузеска.

И Јулија Салилоска, која на пазарот продава градинарски производи смета дека им е неопходна помош, да им се објасне интернет-продажбата.

-Ја прифаќам таквата продажба, посигурен е пласманот. Овде сум на пазарот, не знам дали ќе продадам, така е посигурно, вели Салилоска.

Лилјана Јоноски, извршен директор на „Рурална коалиција“, која ја потегна идејата за Е-пазарот за жените земјоделки смета дека тоа е излезот од ситуацијата со пандемијата, со новиот начин на живот. Жените земјоделки се најпогодени во целата ситуација.

-Во време на ковид-пандемијата констатиравме дека жените од руралните средини беа меѓу најмногу погодените, особено при намалувањето на нивните економски приходи. Во одредени региони тоа намалување на приходите се движи од 60 до 80 проценти. Тоа најмногу се должи на затворањето на пазарите и на стравот од купување од други, со оглед на мерките поради пандемијата. А жените-земјоделки продолжуваат да работат во полето и да изнајдат начин за друг вид продажба. Немаме он-лајн продажба, но размислувавме дека може да се воспостави. Воспоставувањето на привот женски рурален е-пазар, кој се нарекува „Наша тезга“ е всушност идеја на жените. Целта на овој он-лајн пазар, прв, кој исклучиво е наменет за продажба на земјоделски производи, е да овозможи унапредување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини. Всушност, ова е еден од начините како да ја овозможиме таа поддршка која недостасуваше, особено последниве две години, објаснува Јоноски.

Во овој момент на оплатформата „Наша тезга“ се вклучени повеќе од 100 жени кои ги промовираат своите производи и преработки.

-Успеавме да ги изработиме и првите три промотивни пакети кои содржат различни видови производи. Според реакциите на жените од руралните средини, наидуваме на позитивни ефекти, како во поглед на продажбата, бидејќи станува збор за нешто ново, поразлично со кое досега жените не се соочувале. Освен продажбата се зголемуваат дигиталните вештини на жените, што е еден од главните предизвици со кои се соочуваат, а овозможуваме, дури, и поголема информираност, како помеѓу жените со размена на искуства, така и во поглед на информираноста за мерките, начините за поддршка – социјална, економска, финансиска. Сметаме дека ова ќе биде еден од начините кои ќе им овозможи на жените од руралните средини да излезат од „невидливоста“ и од таа, таканаречена, неформална економија, зашто само 38 насто од жените во руралните средини се економски активни, а другите влегуваат во таа неформална економија. Иако, според нашите истражувања, најголемиот дел работат и по 11 часа на ден, но никаде не е евидентирано. Ваквата платформа треба да ги намали овие проблеми и да ги подобри социјалната и економската положба на жените-земјоделки. особено што, на оваа платформа, освен што се врши продажба на нивните производи, жените ги раскажуваат и своите животни приказни, па секој граѓанин може да се доближи до начинот на домашното призводство и да се увиди оној социјален момент кој отсуствуваше со затворањето на зелените пазари. Ова ееден виртуелен пазар кој треба да биде најблизок до оној, стандардниот кој нам ни е познат, смета Јоноски.

На порталот „Наша тезга“ многу лесно може да се регистрираат сите жени, зашто ова е женски рурален пазар. Се пополнуваат само основните податоци, производството кое го имаат жените-земјоделки и кратка приказна за начинот на производството.

-Отворена е за сите жени-производителки од сите Плански региони. Се раскажуваат сите приказни како се произведува. Овозможено е на едно место да се најдат сите производи на жените и секако, производите да завршат на трпезите кај граѓаните, заклучува Лилјана Јоноски, извршен директор на „Рурална коалиција“.

Оваа 2022 година е со нови предизвици. И модерни. Можеби ќе донесе „бум“ за електронската продажба на производите на жените-земјоделки. Тие се желни да ги раскажат приказните како се произведува. И да „споделат“ искуства.