Бараме учебникот по албански јазик за петто одделение итно да биде повлечен од употреба, а заедно со него и „партискиот емисар именуван министер“, изјави денеска портпаролот на Алијанса за Албанците, Наим Бајрами.
Ако сакате да уништите еден народ без војна, уништете му го образованието, а еден од „најдобрите“ начини да го постигнете тоа е политизација и партизација на образованието. Со години го креваме гласот против различните облици на партизација на образованието. Од оваа власт слушнавме само ветувања дека ќе работат на деполитизација, а во реалноста го направија спротивното, со воведување на партијата во секоја пора на образованието. Неодамна партијата влезе и во учебниците и во текстовите на најчувствителните возрасни групи. ДУИ веќе влезе како пример во учебникот по албански јазик за петто одделение, поточно на лекцијата за кратенки, каде што се споменуваат примери на земји и меѓународни институции, рече Бајрами.
Како што додаде тој, ова е „скандалозна злоупотреба на учебниците за партиска пропаганда, за индоктринација на деца, слично како во времето на комунизмот и времето на другарот Тито и другарот Енвер“.
Тоа е срамна сервилност на самиот автор Вехби Кадриу, таткото на поранешниот кандидат на ДУИ, Ендрин Кадриу, кој потоа беше назначен за директор на Радиодифузија, изјави Бајрами, нарекувајќи го притоа министерот за образование и наука Јетон Шаќири – „министер за уништување на образованието“.
Учебникот е издаден годинава, негов автор е Вехби Кадриу, а издавач е МОН.