На Самитот „Отворен Балкан“ во Охрид се случи „пресврт на што регионот треба да биде горд“, а Европа „виде еден поинаков Западен Балкан, што отворено разговара за својата иднина“, смета црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ.

– Наместо за тоа „кој прв започна војна“, се разговараше за туризам, слободна трговија, енергија, земјоделство, економска и здравствена криза, како и за инфраструктура, изјави Абазовиќ во интервју за „Политика“.

Според него, „Црна Гора е подготвена да допринесе за единство и заедништво на Западен Балкан“, затоа што, за неговата земја „патот кон ЕУ нема алтернатива“.

Тој додад е дека „Отворен Балкан“, на чиј Самит во Охрид присуствуваше, откри „рецепт за иднината“. Абазовиќ истакна дека иницијативата може да стане мост на мирот меѓу Истокот и Западот.

Црногорскиот премиер нагласи и дека „кога отворено се разговара за иднината на Западен Балкан, на сосем друг начин од оној што беше вообичаен, без свртување кон темите што предизвикуваат конфликти, тогаш на светот му праќаме сосема поинаква порака“.

Во Охрид „Европа виде еден поинаков Западен Балкан, што отворено разговара за својата иднина, решен со заеднички сили да ја надмине економската криза“, додаде премиерот.

Тој наведе и дека на Самитот во Охрид гледал и како шанса за зајакнување на добрососедските односи, „нешто со што претходно земјите од Западен Балкан не можеа да се пофалат“.

– Мислам дека ова е првпат лидерите од Западен Балкан да се соберат и да разговараат за реалните потреби на своите граѓани, опасностите што се закануваат поради најавената криза и недостигот од основни животни намирници и енергенси на пазарот, со цел со заеднички сили да се предупредат сите негативни ефекти што руската инвазија ќе ги остави во Европа, подвлече Абазовиќ.