Премиерот на црногорската Влада во технички мандат, Дритан Абазовиќ тврди дека Црна Гора не е целосно исчистена од криминал и корупција, но, за време на мандатот на неговата влада е направено доста и оти државата се менува.

– Не е целосно исчистена од криминал и корупција, но, сметам дека ситуацијата е далеку подобра отколку пред две години. Очекувам во наредните две, три години ситуацијата да биде уште подобра. А со помошта што ќе пристигне во јануари, можеби и во некои наредни месеци, ќе биде многу подобра ситуацијата, изјави тој во разговор со странски новинари.

Според неговите зборови, во Црна Гора има повеќе криминални кланови, како тие во Котор, или вкупно десет.

– Тоа се високоризични криминални групи, меѓутоа, ниту една од овие набљудувани групи не е силна, ни бројчано, ни логистички, како Кавачкиот и Шкаљарскиот клан, појасни Абазовиќ.

Како што додаде Абазовиќ, изминатите две години доста е направено против тие групи што делуваат не само во Црна Гора или регионално, туку се дел од транснационална криминална мрежа.

Околу неговото граѓанско движење УРА, тој смета оти постигнати се сите негови политички цели, а примарната била „државата повеќе да не ја води мафија“.

– Главниот удар што ѝ го зададовме на мафијата беше на 30 август, а сега, на локалните избори, ДПС и нивните партнери се поразени во повеќето градови во Црна Гора. Доколку ја следевте политичката кампања во нашата земја, сведочевте дека главната борба се водеше меѓу УРА и ДПС. Потоа, ДПС е политички поразен, а УРА е таму каде што беше и претходно. Само во Подгорица изгубивме дел од гласовите, а во другите градови дури и сме наградени од граѓаните. Среќен сум поради тоа, подвлече Абазовиќ, пренесе порталот РТЦГ.

Абазовиќ обвини „одредени лица“ кои се во контакт со Кавачкиот клан за обид да го криминализираат.

– Имавме една ситуација, акција против шверц на цигари, каде еден камион имаше „врска“ со мене. Тоа беше сосема лудо. Се обидоа кампањата да биде идентична како во Србија во 2003 година кога е убиен премиерот на Србија, Зоран Ѓинѓиќ. Што значи ова? Да те криминализирам, да те „поврзувам“ со некои лица, па доколку нешто ми се случи, луѓето не би кажале „се случува затоа што тој се бореше против криминалот“, туку затоа што си бил дел од организиран криминал, истакна Абазовиќ.

Тој „никогаш“ не се прави жртва и „навистина“ не сака да ја споредува оваа ситуација со таа кога во Србија е убиен Ѓинѓиќ, но, тоа јасно го препознава, „затоа што постоеше медиумска кампања што имаше политичка поддршка и бидејќи беа вклучени луѓе од безбедносниот сектор кои се отстранети од должност“.

– Тоа е формула што на Западен Балкан е многу слична. Слично како кога сакате некому нешто да му се случи или некому на крај да испратите некаква порака. Тоа не значи оти ќе бидете елиминирани, но, тоа е подготовка на теренот за нешто што ќе се случи. Мислам дека тоа на време го препознавме, не се откажав и подготвен сум да го сторам тоа што го правев досега, заклучи Абазовиќ.