Неосновани сомнежи и груби невистини, вака в.д директорот на ЈП „Македонија пат“ Костадин Ацевски ги нарече обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со набавката на битуменот.
Според Ацевски, никој во државата не може да набави цистерна битумен за 1 000 евра, ниту може, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, да има десет пати разлика во цените меѓу двете јавни претпријатија: „Македонија пат“ и „Улици и патишта“.
Тој денеска од прес-конференција, ја повика ВМРО-ДПМНЕ јавно да покаже фактура за цистерна битумен која чини 1 000 евра.
-Одговорно тврдам дека нема цистерна битумен која чини 1 000 евра. Не постои некој во државата што може да набави цистерна битумен за 1 000 евра и одговорно тврдам дека нема десет пати разлика во цените меѓу двете претпријатија во однос на чинењето на една цистерна битумен и меѓу фактурите на двете јавни претпријатија. Слободно ВМРО-ДПМНЕ нека излезе во јавноста и нека покаже фактура за цистерна на битумен од 1 000 евра. За да ги демантира лагите и невистините што ги изнесува во јавност, нека покаже фактура од 1 000 евра за една цистерна, а ние ќе ги покажеме нашите фактури за договорот, рече Ацевски.
Ноторна лага е, нагласи Ацевски, дека ЈП „Улици и патишта“ набавиле битумен 10 пати поевтин од оној на ЈП „Македонија пат“ иако, додаде, може да има некоја разлика во цената зашто се работи за две различни претпријатија.
-Се работи за груба невистина од страна на лидерот на партијата, дека станува збор за набавка во четири очи. Всушност, се работи за јавна, трансперентна, отворена постапка за јавна набавка на стоки, почната на 25 февруари 2022, а завршена на 9 мај 2022, согласно сите правила и критериуми од Законот за јавни набавки, како и според сите процедури за јавни набавки. За постапката е извршена и управна контрола од 16 дена од Бирото за јавни набавки кое е последниот филтер за набавки од ваков тип и за неа е добиено решение од Државната комиисја за жалби по јавни набавки. Не можеме да споредуваме две претпријатија со различен обем, методологија, специфика и комплексност. Во однос на методологијата за јавни набавки, додека кај нас се зема берзанската цена на битуменот, прв пат „Улица и патишта“ оваа година ја менува методологијата и ја зема цената на битуменот од Рафинерија на денот на испорака, објасни в.д. директорот.
За јавната набавка, дополни Ацевски, имало заинтересирани три економски оператори, а понуда поднел еден. Добиените цени, пак, споредено со цените од 2015-та и 2016 година кога власта беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се најмалку 50 отсто помали.
Според Договорот, укажа Ацевски, ако се гледа во моментот на цената што ја понудиле „Улици и патишта“, цената на цистерна битумен со ДДВ би била 1,125 милиони денари.
-На оваа постапка, одговорно тврдам, можеле да учествуваат сите заинтересирани економски оператори, вклучително и оној што сега има потпишано договор со ЈП „Улица и патишта“ со кое не споредуваат, а истиот оператор во 2015-та и 2016-та имал склучено договор со „Македонија пат“, но по многу различни цени од оние со кои работи сега со „Улици и патишта“, истакна Ацевски.
ВМРО-ДПМНЕ претходно обвини дека Јавното претпијатие „Македонија Пат“ набавило битумен по цена од „неверојатни 12 000 евра за цистерна“. – Ако се земе предвид дека ЈП „Улици и Патишта“ користи сличен материјал, а го плаќа по 1.100 евра од цистерна битумен, тогаш доаѓаме до фрапантни 11 илјади евра разлика. Ако само на една цистерна е направена неоснована разлика од 11 илјади евра, тогаш целата набавка изела неколку милиони евра, наведе ВМРО-ДПМНЕ.