На денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, адвокатите на Љупчо Палевски презентираа уплатница од Халк банка како обид да обезбедат алиби за нивниот клиент. Според нив, ова докажува дека Палевски во критичното време бил во банка, а не на местото на убиството.
Обвинителството, пак, го отфрли овој доказ како ирелевантен, посочувајќи дека снимките од „Сејф сити“ покажуваат дека возилото на Палевски се вратило во седиштето на партијата „Десна“ уште во 10:00 часот на 27 ноември 2023 година, додека уплатата во банката е направена во 11:44 часот.
Адвокатите тврдат: „ Љупчо Палевски не може да биде на две места истовремено“
Адвокатот на Палевски Јовица Страшевски нагласи дека овој доказ е клучен за одбраната, бидејќи покажува дека клиентот бил физички присутен во банката, а не на локацијата каде што се случило убиството.
“Обвинителството прикажува снимки на кои се гледа возило што се движи низ Скопје, но не и кој го управува. Доказот што го доставуваме покажува дека Палевски бил во Халк банка во истиот период. Не може да биде на две различни локации истовремено,” рече адвокатот Страшевски.
Обвинителката: „Ова нема врска со критичното време на убиството“
Обвинителката го оспори доказот, велејќи дека уплатницата воопшто не се однесува на релевантното време за истрагата.
“Факт е дека снимките од ‘Сејф сити’ покажуваат дека во 10:00 часот возилото ‘рено кангу’ управувано од Палевски веќе било во седиштето на партијата ‘Десна’. Уплатата во банката е направена во 11:44 часот, што е надвор од критичниот временски период,” изјави обвинителката.
Таа додаде дека обвинителството веќе има докази од телефонска анализа кои ја утврдуваат целокупната комуникација и движење на обвинетиот во спорниот период.
Одбраната бара снимки од банката и анализи на базните станици
Палевски истакна дека поминал половина час патувајќи од партијата до банката и побара да се обезбедат снимки од експозитурата на Халк банка во Буњаковец, како и сведоштво од Мартин Панчевски, пензиониран професор, со кого, како што тврди, чекал ред во банката.
Адвокатот Страшевски побара и податоци од СВР Велес за тоа дали Боре Видевски поседува дозвола за оружје, со детали за видот, калибарот и фабричкиот број на оружјето.
Одбраната побара од судот и да се обрати до Телеком, за да добие листа на повици и податоци од базните станици за телефонскиот број на Весна Палевска, сопруга на обвинетиот, во периодот од 21 до 29 ноември 2023 година.
“Според базните станици точно ќе утврдиме каде бил Палевски во критичниот момент,” изјави адвокатот.
Палевски: „Доказите се манипулирани“
Обвинетиот тврди дека телефонските записи што ги има обвинителството се фалсификувани и дека дел од податоците биле избришани.
“Во извештајот од Телеком до Обвинителството, на страна 36 од 120, за датумот 22 ноември 2023 година, од 13:00 до 21:18 часот, се избришани сите податоци за базните станици. Еве ги документите пред мене – полињата се празни! Зошто само за мене недостигаат податоците?” праша Палевски.
Тој нагласи дека Обвинителството чита извештаи од ворд-документ, наместо од оригиналните листи на базни станици од Телеком.
Обвинителството: „Базните станици постојат, но критичниот момент не може да се измисли“
Обвинителката возврати дека сите податоци се добиени директно од мобилните оператори и дека тие намерно биле доставени на цеде, бидејќи на нив не може да се прават промени.
“Во телефонската анализа, бројот 071/491-130 е регистриран на повеќе базни станици во Скопје. На 27 ноември 2023 година, во периодот од 10:06 до 10:46 часот, сигналот е фатен од базните станици кај Железничка станица, Народна банка и Центар. Од 11:23 до 12:21 часот зрачи кај Млин Балкан. Од 13:21 до 16:21 часот зрачи повторно кај Железничка станица во Аеродром, а потоа кај Народна банка од 18:00 до 19:21 часот,” изјави обвинителката.
Таа додаде дека нема можност за манипулација со податоците, бидејќи сите извештаи се изготвени врз основа на записите од операторите.
Одбраната инсистира на целосни листинзи на базни станици
Адвокатот Страшевски инсистираше дека податоците што ги има обвинителството не го докажуваат движењето на Палевски во критичниот период, бидејќи листингот на базните станици за неговиот број е нецелосен.
“Податоците што ги прочита обвинителката се од период по настанот. За време на критичниот момент, нема податоци. Ова е причината зошто бараме судот да ги обезбеди вистинските записи, бидејќи тие се клучни за одбраната,” изјави адвокатот.
Судијата ќе одлучува за сведоците и новите барања
Судијата Ивица Стефановски изјави дека ќе ја разгледа можноста за испрашување на сведокот Мартин Панчевски на следното рочиште, доколку се обезбеди неговото присуство.
Следното рочиште ќе покаже дали судот ќе ги прифати барањата на одбраната или ќе остане на ставот на обвинителството дека веќе има доволно докази за движењето на Палевски во критичниот момент.
Извор: Plusinfo