Адвокатот Владимир Туфегџиќ кој го застапува Бојан Јовановски-Боки 13 за „Макфакс“ вели дека кодното име на кривично-правниот настан е „Бумеранг“ бидејќи содржината на материјалите кои ќе бидат предадени во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се врзуваат со називот. Прашан за содржината на т.н. „бомби“ кои Боки 13 ќе ги даде, адвокатот Туфегџиќ посочува: „Содржината на материјалите ги прикажува дејствијата и настаните кои имаат своја поврзаност и рефлексија во сегашноста и минатото“. Туфегџуќ посочува дека очекувања има и од Судскиот совет, кој треба да каже дали наводите на Боки 13 дека Кривичен донел фалсификувано решение се точни.

„За конкретните материјали е изготвено вештачење од лиценцирано вешто лице и сметаме дека истите ќе бидат доволна основа за Јавниот обвинител, овие материјали како индиции да најдат своја поткрепа и поврзаност со конкретни дејствија на извршување темелени на конкретни докази“, посочува Туфегџиќ за Макфакс.

Тој открива дека Јовановски-Боки 13 долго размислувал дали да го почне процесот, а за материјалите, посочува дека само осудениот ги поседува. Туфегџиќ додава: „Ние како бранители сме во функција на осуденото лице да му бидат обезбедени сите права согласно законот заради непречено одвивање на процесните дејствија“.

Боки 13 со адвокатот Туфегџиќ битка бијат и пред Судскиот совет. Таму побараа вонредна контрола која се спроведува, а во врска со наводите дека Кривичен суд го фалсификувал решението донесено за побараниот прекин на казна. Кривичен суд се повикува на правно мислење од Врховен, за кое, Туфегџиќ смета дека не може да се примени во случајот на Боки 13.

„По однос на прашањето за очекувањата од судскиот совет, очекувам да постапи согласно законот бидејќи правното мислење на Врховниот суд на РСМ на кое се повикува кривичниот суд, сметам дека не може да се примени во конкретниот случај бидејќи нема одлука за оддалечување на надлежниот судија што е правна претпоставка и услов за примена на правното мислење. Воедно, ова правно мислење се однесува на судски одлуки во кои претходела главна расправа и го уредува прашањето за објавување на пресуда доколку истата е или не е објавена.

Врз основа на погоренаведеното сметам дека не се исполнети законските претпоставки и услови за примена на правното мислење на Врховниот суд во конкретниот случај“, посочува Туфегџиќ за „Макфакс“.

За кривично-правната операција „Бумеранг“, утрово извести правниот тим на Бојан Јовановски-Боки 13 преку соопштение.