Јовица Страшевски, бранителот на Љупчо Палевски – Палчо, побара ослободителна пресуда за неговиот клиент во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска (14) и пензионерот Панче Жежовски. Тој тврди дека обвинителството не може да докаже дека Палчо има вмешаност, и дека Палевски не ги сторил убиствата.

„Предлагам обвинитетиот Љупчо Палевски да се ослободи од вина, оти според обвинителниот акт не е јасно какви дејствија преземал. Околу целата постапка ниту преземал одредени дејствија кои му се ставаат на товар со другите обвинетите, а ниту поттикнал, ниту наведувал другите обвинети да сторат нешто. Иако истрагата не беше почната, пресудата беше донесена, а медиумите истото го пренесуваа без пресумпција на невиност. Јавноста креираше јавно мислење со предвремена пресуда за обвинетиот. Обвинителството не докажа ниту разумно сомневание ниту докажа тоа што му го става на товар на Љупчо Палевски. Обвинителството уште 10 години да се труди да ги докажува нивните тези, нема да ги докаже. Затоа што на сите им стана јасно дека Палевски не ги сторил убиствата“, рече Страшевски во завршниот збор и додаде:

„Палевски е обвинет со обвинителен акт со само 17 докази. Но, нема ниту еден конкретен доказ кој ја докажува неговата вина. Докази во овој судски процес не постојат“, рече тој.

Страшевски презентираше снимки на кои се гледаат Велибор Манев и Боре Видевски.

„Се поставува прашањето зошто е убиена Вања, а не Миња, ќе додадам. Обвинителството не докажа зошто е грабнато девојчето. Често бев прашуван зошто киднаперите се одлучиле да ја грабнат Вања, или биле во план двете девојчиња? Одговор не добивме ниту од полицијата, ниту од обвинителството. Дали Кешишев тргнал со полиција да го откпува телото на Вања и дали притоа свесно биле уништени голем број докази?“, праша Страшевски.

Додаде дека уште на првата прес конференција била нарушена пресумпцијата на невиност. Во врска со обвинителството дека Палевски нема алиби, Страшевски рече дека на Палевски не му треба алиби, затоа што обвинителството нема докази против него.

Извор: ТВ 21