„Јас имам две пратенички прашања, едното е за министерот за транспорт и врски, а другото е за вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска која што имаше писмено известување дека ќе е отсутна од оваа седница за пратенички прашања“, истакна Мирче Аџиоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница на пратенички прашања.
Првото прашање е за министерот за транспорт и врски, а се однесува за фамозниот и вечен автопат кој се гради во Република Македонија, а тоа е автопатот Кичево – Охрид. И ќе го прашам министерот дали ќе се изгради автопатот Кичево – Охрид во предвидениот рок до 31.12.2023 година. И доколку не се изгради и се поднесе нов Анекс на законот за повторно продолжување на рокот, дали министерот заедно со Анексот ќе си ја поднесе и оставката негова за неговото неработење“, запраша Аџиоски.
Аџиоски го запраша министерот за транспорт и врски дали тој ќе си понесе одговорност бидејќи тој е директно одговорен за тоа што автопатот Кичево – Охрид остана да се град 6 години односно да не се гради.
„Второто се однесува на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска. Прашањето е за кои владини функционери ДКСК има доставено иницијатива за утврдување на одговорност, за кои случаи и како е постапено по тие случаи“, нагласи пратеникот.
Тој посочи дека ова се прашање се наметне од фактот што изминатиот период ДКСК доставува до вицепремиерката иницијативи, има неколку случаи меѓу кои е и случајот во кој што се бара оставки од министерот Османи и Нуредини затоа што на локалните избори се гледа како министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерот тогашен за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, користат службени возила за партиски цели.
„Од Кабинетот на Грковска не дадоа ниту за овој случај конкретен одговор освен дека штом стигне предметот до нив ќе постапат според Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата“, потсети Аџиоски.
Тој исто така рече дека вториот сличен случај е кога ДКСК кажа дека постои сомневање дека претседателот на Агенцијата за млади и спорт и членовите на Централната комисија во 2020-та, 2021 и 2022 година по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури извршиле распределба на средства со што го оштетиле Буџетот на државата. И лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.
„Има уште еден случај, тој е случајот кој што ДКСК бара одговорност од Оливер Спасовски за сообраќајната несреќа на БЕСА Транс во која што загинаа односно живи изгореа 45 луѓе. Комисијата утврдила дека министерот Оливер Спасовски не постапил правилно бидејќи по добиениот извештај од инспекторот кој извршил контрола и утврдил неправилност во работењето на станицата не издал наредба во предвидениот рок од станицата да ги отстранат неправилностите. И последниот случај е случај за кој што и вчера зборуваше претседателката на ДКСК, а тоа е за семејното патување на премиерот во Америка во кое што кажа дека чека на вицепремиерката да постапи за да може да поднесе предмет“, укажа пратеникот.