Европската ракометна федерација донесе одлука по 10 дена чекање
По повеќе од десет дена неизвесност, Европската ракометна федерација (ЕХФ) конечно донесе одлука – РК Алкалоид е новиот освојувач на Европскиот Куп! Причината е одбивањето на АЕК Атина да го одигра реванш натпреварот од финалето, што резултираше со службена победа од 10:0 за македонскиот клуб.
ЕХФ донесе одлука: Алкалоид е ОСВОЈУВАЧ на Европскиот Куп!
Со тоа, македонската гордост го освои својот прв трофеј во европските натпреварувања – уште еден историски успех за екипата на тренерот Кире Лазаров, кој со овој триумф влезе во историјата како играч и како стратег.
„Ние славиме титула, а тие ризикуваат исклучување“
• „Се радуваме на овој историски успех кој нашите момци, предводени од македонски стручњак и состав, го заслужија на секој чекор. Ова не е само победа, туку симбол на труд, дисциплина и спортска чест“, изјави член на управата на РК Алкалоид по официјализирањето на одлуката.
Грчки медиуми: АЕК ќе биде исфрлен од Европа на две години
Проблемите за АЕК тука не завршуваат. Според извештаите на грчките медиуми, постои голема веројатност тимот од Атина да биде суспендиран на две години од сите натпреварувања под капата на ЕХФ, поради неодигрување на финалето и прекршување на регулативите.
• „Сè укажува на тоа дека АЕК ќе се соочи со сериозни последици по ова финале – не само поради неодиграниот меч туку и поради нарушениот интегритет на натпреварувањето“, пишуваат дел од медиумите во Грција.
Македонски успех во европски стил
Првпат во клупската историја, РК Алкалоид го освојува европски ракометен трофеј – и тоа со македонски играчи, македонски стручен штаб и македонско срце. Оваа победа не само што е гордост за клубот, туку и за целата македонска спортска јавност.