Општина Аеродром добива нова паркинг-зона со над 1.300 места, а од 1 април се воведуваат и дигитални услуги за издавање дозволи. Стартот на зоната Д12 во Реонскиот центар го најави Орце Ѓорѓиевски.

Како што информираше, заедно со градоначалникот Дејан Митески и директорот на ЈП „Градски паркинг“, Владимир Кроневски, е означен почетокот на зоната, која ги опфаќа улиците 1612 и 1613, односно целиот Реонски центар.

„Станува збор за простор кој се уредуваше во повеќе фази, поради неговата големина и значење. По добивањето на сообраќајното решение, пристапивме кон целосно уредување на јавната површина со поставување вертикална и хоризонтална сигнализација“, наведува Ѓорѓиевски.

Во зоната се обезбедени 1.302 паркинг-места, од кои 32 за лица со попреченост, односно вкупно 1.334 уредени позиции.

Од 1 април, станарите и правните и физичките лица со дозвола ќе можат да паркираат исклучиво во зоната за која ја поседуваат дозволата. Станарите ќе добијат можност за две бесплатни дозволи за возила, додека за останатите корисници цената ќе изнесува 25 денари за час.

Канцеларијата за аплицирање ќе биде сместена во зградата на Рударскиот институт на булеварот „Јане Сандански“.

Паралелно се воведуваат и дигитални услуги – од 1 април 2026 година граѓаните ќе можат електронски да поднесуваат барања преку платформата „moj.parking.mk“, како и да вршат онлајн плаќање на месечни и годишни дозволи.

Во меѓувреме, во тек е подготовка и на нова зона за паркирање во Ново Лисиче, која треба да обезбеди 2.719 нови паркинг-места.

„Посветено работиме на воведување ред во паркирањето, намалување на сообраќајниот хаос и создавање фер и функционален систем кој ќе им служи на граѓаните“, истакнува Ѓорѓиевски.