Афера „Провизии кои чинат живот“: Променет закон по итна постапка непосредно пред трагедијата во Тетово
„Модуларните болници во кои животот го загубија 14 граѓани се поставени спротивно на сите здравствени и градежни стандарди“, обвини денес Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во најновото издание од серијалот „Афера: „Провизии кои чинат живот““.
Според Манасиевски, Министерството за здравство во времето на Венко Филипче одобрило изградба на 16 модуларни болници низ земјата, без да се почитуваат основните стандарди и законски услови за објекти во кои се врши здравствена дејност.
- Болниците се третирале како стока – а според законот, стоки не можат да се користат како здравствени објекти. Притоа, не е обезбедена ниту дозвола за употреба, ниту се запишани во катастар, ниту имаат владина одлука за трајно користење – рече Манасиевски.
Промена на закон пред трагедијата: обид за легализација?
Дополнително алармантно, според ВМРО-ДПМНЕ, е тоа што непосредно пред пожарот во модуларната болница во Тетово, Министерството за транспорт и врски, по предлог на Владата, итно го изменило Законот за градење, со цел ваквите објекти да се третираат како урбана опрема. Тоа значи дека дозвола можел да даде лично тогашниот министер – Венко Филипче.
- Ова не било решение за подобрување на стандардите, туку обид да се избегне одговорноста. Промената на законот била очигледен маневар – предупредува Манасиевски.
ВМРО-ДПМНЕ најави серија прес-конференции поврзани со модуларната болница во Тетово
Тој додаде дека целокупната документација за постапката се наоѓа во проектната единица на МТСП, а истата е веќе предадена на Јавното обвинителство за организиран криминал на 12 декември 2023 година.
- Од сето ова јасно произлегува: модуларните болници биле бесправно поставени, противзаконски користени и не смееле да бидат здравствени установи. Го прашуваме Филипче – дали провизиите беа поважни од животот на граѓаните? – праша Манасиевски.
Тој најави дека утре, во исто време, ќе следуваат нови детали од аферата „Провизии кои чинат животи“. Наскоро јавноста ќе добие целосна слика за одговорноста зад трагедијата во модуларната болница во Тетово.