Африм Гаши денеска се очекува да ги распише локалните избори
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се очекува официјално да ги распише локалните избори, иако сè уште нема потврда од неговиот Кабинет. Ова ќе бидат осми локални избори од независноста на државата. Утре истекува законскиот рок за распишување, а изборите, според најавите, ќе се одржат на 19 октомври.
Рокови и изборен процес
Со чинот на распишување ќе започнат да течат сите законски рокови за изборниот процес. Локалните избори за советници треба да завршат на 19 октомври, а доколку има втор круг за градоначалници, тој ќе се одржи на 2 ноември. Граѓаните ќе избираат градоначалници и советници во 80 општини и во Градот Скопје. Веднаш по распишувањето, Државната изборна комисија ќе го утврди календарот и роковникот. Рокот за поднесување на листите со кандидати е најдоцна до 15 септември, а ДИК треба да ги потврди најдоцна до 27 септември.
Буџет и почеток на кампањата
Изборната кампања ќе започне на 30 септември. Вкупниот буџет за одржување на локалните избори во 2025 година изнесува 9,76 милиони евра. Две третини се наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.